Контролата врз Ормуската Теснина за Иран е поважна од поседување нуклеарно оружје, изјави високопоставен претставник на Иранската револуционерна гарда.

Заменик-политичкиот командант, Јадола Џавани, изјавил дека воспоставувањето суверенитет над Ормуската Теснина претставува „стратешко оружје“ кое, според него, е поважно од нуклеарниот арсенал бидејќи и овозможува на земјата да „казнува агресори“.

Тој додал дека воената конфронтација со Соединетите Американски Држави и Израел била „неизбежна“ и дека Иран се подготвувал за таков развој на настаните.

Џавани исто така оцени дека конфликтот донел одредени „придобивки“ за Иран, тврдејќи дека земјата не само што се одбранила, туку и излегла зајакната од судирот.

Во меѓувреме, дел од светските медиуми меѓу кои и „Си-Ен-Ен“, пренесуваат дека Иран ги засилува напорите за обновување на подземните ракетни капацитети, по неодамнешните напади и затегнатите безбедносни состојби во регионот.