Нешто по 10.30 часот по локално време, продолжи со работа Комисијата за надворешни работи и одбрана во грчкиот Парламент во однос на нацрт законот според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа.
На почетокот на седницата, надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос уште еднаш ги повтори барањата на неговата партија, да биде доставен целиот македонски Устав, како и текстот со оставката на Коѕијас, јави МИА од Атина.
Кумуцакос рече дека Комисијата не може втор ден да заседава без владата да ја има доставено целата содржина на Уставот, но и без да биде земено предвид што пишува поранешниот министер за надворешни работи на Грција во неговото писмо испратено до грчкиот премиер, во кое ги објаснува причините за неговата оставка.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, му објасни на Кумуцакос дека во соседната земја, амандманите не се вметнуваат во Уставот, туку се додаваат на крајот од уставниот текст и му посочи дека уставните измени се вклучени во Вербалната нота доставена и во грчкиот Парламент.
И пратеникот од Златна зора, Илиас Касидиарис реагираше дека не е доставена целата содржина на Уставот, имаше приговори и во однос на составот на Комисијата, а истакна дека за неговата партија процесот е нелегален, бидејќи нема потпис од претседателот Ѓорге Иванов.
Јанис Аманатдис, пратеникот од СИРИЗА во неговото обраќање рече дека договорот е урамнотежен, национално корисен, ѝ служи на националната позиција и треба да биде изгласан од грчкиот Парламент.
Василис Кикиљас од Нова демократија, на почетокот на неговиот говор повтори дека во партијата веруваат и сметаат дека „договорот е штетен за Грција, бидејќи отстапува суверени права“ и додаде дека за конкретниот договор нема мнозинство во општеството и нема мнозинство во грчкиот Парламент.
Секој од пратениците, членови на Комисијата има на располагање седум минути за да го изрази неговиот став.
Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, како што веќе објавивме ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Река и Сојуз на централисти, додека пак учествуваат и двајца независни пратеници.
Според најавите на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, на вчерашниот брифинг со новинарите, Комисијата по завршувањето ќе изготви извештај, а потоа, во среда и четврток за нацрт законот ќе расправа Парламентот на пленарна седница, по што ќе следи и гласањето.