Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека е постигнат мировен договор со Иран.
Претходно договорот го објави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој посредуваше меѓу двете завојувани страни.
„Договорот со Исламската Република Иран е постигнат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“.
Засега не се познати конкретните услови од договорот. Шариф изјави дека тој предвидува „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.
Во својата објава американскиот претседател наведе дека Ормуската Теснина ќе биде отворена „без такси“, а поморската блокада воспоставена од САД ќе биде укината.
„Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека потече нафтата!“, напиша Трамп.
Во друга објава, Трамп оцени дека договорот ќе донесе мир и безбедност во целиот регион. „Многу претседатели се обидоа да склучат мир со Иран, и сите потфрлија пред мене. Лидерите на регионот, по првпат, пронајдоа претседател кој може да им помогне да постигнат вистински мир. Со отворањето на теснината по потпишувањето на Договорот в петок, со цел отстранување на мини, нафтата повторно ќе тече од двата краја за регионот и за светот! “ – напиша Трамп.
Повеќе извори претходно изјавија дека нацрт-договорот предвидува отворање на Ормуската Теснина и укинување на американската блокада, додека за иранската нуклеарна програма ќе се разговара во рамки на дополнителен 60-дневен преговарачки период.
Според висок ирански извор, САД ќе се согласат да одмрзнат ирански средства во вредност од 25 милијарди долари, а Иран ќе се обврзе да не произведува и да не набавува нуклеарно оружје.
Истиот извор навел дека Техеран се согласил да го задржи постојниот статус во нуклеарната сфера, вклучително и да не збогатува ураниум и да не ги проширува своите нуклеарни капацитети до постигнување конечен договор.
Мировниот договор ќе биде потпишан на официјална церемонија в петок во Швајцарија, изјави пакистанскиот премиер.




