Украинската војска со беспилотно летало од авионски тип нападнала автобус со детски фудбалски тим од белорускиот град Гомељ во руската Брјанска област, соопшти вршителот на должноста гувернер на рускиот регион кој граничи со Украина, Јегор Ковалчук.

„Вооружените сили на Украина, користејќи беспилотно летало од авионски тип, го нападнаа автобусот на детскиот фудбалски тим од Гомељ, кој патуваше на одмор во Геленџик“, наведе Ковалчук во објава на социјалната мрежа Икс.

Според неговите информации, во нападот загинала една жена, а седум лица се повредени, меѓу кои и пет деца.

Повредените, од кои едно лице е во тешка состојба, биле пренесени во болница каде што им била укажана медицинска помош.

Во автобусот се наоѓале вкупно 44 лица, вклучувајќи и 28 деца, кои патувале кон Геленџик, руско туристичко одморалиште на брегот на Црното Море во Краснодарскиот крај.

Украинските власти засега не се огласиле во врска со наводите на гувернерот на Брјанската област.

фото: архива