Споредба на цени на продукти за широка потрошувачка со вклучени околу 10.000 кодови на производи, поделени во шест основни категории и неколку поткатегории од десет супермаркети се вклучени во онлајн платформата „Колку чини“ – новата дигитална алатка на грчката Влада преку која граѓаните можат да ги споредуваат понудите на различни маркети, да ги следат промените на цените и да ги организираат нивните купувања, јави дописничката на МИА од Атина.
Новата апликација претпладнево беше официјално презентирана, како на состанок во Премиерската палата, така и на прес-конференција на надлежните министри, каде што беше посочено дека станува збор за нова алатка за транспарентност и зајакнување на здравата конкуренција на пазарот.
Базата на податоци на платформата се ажурира секојдневно, ќе се надополнува со нови артикли и категории на производи, со цел да нуди кредибилни податоци во реално време, а паралелни потрошувачите може да проверат и како се менувала цената на еден производ во изминатите два месеци.
Цената на одреден производ може да се најде или преку опцијата за пребарување или со директно скенирање на баркодот, а на апликацијата се покажуваат маркетите каде што е достапен заедно со цените.
Дополнително преку опцијата „Најди ми поевтино“, самата апликација предлага поевтини алтернативни производи во рамки на истата категорија, помагајќи му на корисникот да ги намали вкупните трошоци.
Новата апликација, исто така, нуди податоци за цените на слични производи што се продаваат во повеќе земји од Европската Унија, овозможувајќи им на корисниците споредба и со странски пазари, а вклучени се маркети од Италија, Франција, Белгија, Романија, Бугарија, Кипар и Шпанија.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочи дека потрошувачите во Грција од денеска добиваат уште едно „оружје“ во борбата против високите цени и зголемените трошоци за живот, но и дека конкретната платформа е важна иницијатива, која ја зајакнува конкуренцијата.
– Сакам да нагласам дека веќе сме една од малкуте европски земји што располагаат со државна платформа од вакви размери, која на грчкиот потрошувач му дава можност во кој било момент да споредува голем број различни производи. И тоа е уште еден чекор што покажува дека Владата суштински ги користи технологијата и дигиталното управување во корист на општеството и граѓаните, интервенирајќи во најважното и најчувствителното прашање што денес го засега секое грчко домаќинство, а тоа е проблемот со покачувањата на цените, посочи Мицотакис за време на презентацијата на платформата на состанокот во Премиерската палата.
Иако потрошувачите преку апликацијата можат да создаваат и листи за купување, сепак не станува збор за онлајн продавница, туку за алатка за споредба на цените во супермаркетите. ср/ссм/
Фото: Принтскрин




