Во собраниска процедура влегоа измените и дополнувањата на Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој се предвидува минимална возраст од 18 години за управување со „лесно електрично возило“ – мопеди, електрични тротинети и мотоцикл.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски нагласи дека во последните години, иако појавата на електричните возила донесе поголема мобилност, истовремено создаде и нови предизвици за безбедноста во сообраќајот. Затоа, како што рече тој, мерките од Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој ќе се носи по скратена постапка, се воведуваат за подобра заштита на младите.

-Со цел да се спречат идни повреди и штети, се предвидува заострување на условите под кои може да се управува ваков вид на возило, со зголемување на старосната граница, а минималната возраст да биде од 18 години за управување на овие возила. Ние сме свесни дека оваа мерка е строга и дека е висока. Но истата ја предлагаме со една и единствена цена, да ги заштитиме младите учесници во сообраќајот. Анализите на МВР покажуваат дека во повеќе од половината во несреќите со електричните тротинети, истите биле управувани од лица од 16 и 17 годишна возраст. Токму затоа, ние го предлагаме ова решение, но оставаме простор за идни измени во согласност со анализите кои што ќе произлезат од ефектите од овој закон – рече тој.

Потенцира дека со законските измени се врши суштинска интервенција во однос на дозволената брзина со која се движат лесните електрични возила, односно се предвидува максимална брзина од 20км/ч, согласно препораките на Европската унија во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип на возила. Соопшти дека се заострува казнената политика за сторителите на прекршоците предвидени во законот, а во конкретни случаи покрај изречената глоба се предвидува и одземање на возилото – возење од малолетен возач, пречекорување на дозволена брзина, превезување на друго лице, возење под дејство на алкохол, во времетраење од 30 дена.

Мицевски истакна дека анализите покажуваат од 2024 година до мај 2026 година, односно за 2.5 години на патиштата низ државата во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикл. Потенцира дека од вкупниот број на настрадани возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли, 46 загинале, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1.347 со полесни телесни повреди.

-Овие бројки загрижуваат и укажуваат на потребата од системска регулација на овие возила. Затоа со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, се врши дефинирање на лесно електрично возило. Оваа дефиниција зазема предвид за компаративните искуства на повеќе земји во регионот. Воедно, се врши суштинска интервенција во однос на дозволената брзина на движење на лесните возила, електрични возила, односно се предвидува максимална брзина до 20 километри на час согласно препораките на ЕУ, во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип на возила нагласи Мицевски.

Фото: Архива