Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски во гостување на МРТ Радио Скопје, оцени дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години успеала да ја стабилизира државата и да постави основа за економски раст, инфраструктурен развој и технолошка модернизација.
„Точно две години ВМРО-ДПМНЕ ја предводи Владата на Република Македонија и претседателот Мицкоски. Ако паметиме како започнавме, од еден хаос, од едно безредие, од празни буџети, долгови, непочитување на законите, ние успеавме да дојдеме до едно стабилизирање. Како што дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт со ребалансот на буџетот за тогашната, 2024 година се исплатија сите плати на оние вработени во јавната администрација, во јавниот сектор, кои што со месеци немаа добиено плата. Ги поставивме на еден начин темелите на промените и оттогаш па навака работиме да Македонија забрзано оди напред во делот на економијата, во делот на инфраструктурата, во делот на дигитализацијата, образованието“, рече Манасиевски.
Манасиевски нагласи дека во втората половина на 2024 година биле регистрирани рекордни странски директни инвестиции, што, како што рече, претставува потврда за довербата на инвеститорите во економските политики на Владата. Осврнувајќи се на инфраструктурните проекти, Манасиевски посочи дека во моментов се работи на четири автопатски делници, Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид.
„Само што дојдовме ние на власт, во втората половина на 2024 година забележавме рекордни над една милијарда и двеста педесет милиони евра странски директни инвестиции. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ знае како треба да се раководи онаа економска политика. Еве сега седум квартали по ред ние имаме над три проценти раст на бруто домашниот производ. Во моментов се работи на четири автопати, тоа се Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид.Во следниот период очекуваме да се започне со работа и на Скопје-Блаце, на Букојчани-Кичево, а во процес на проектирање, физибилити студија и избирање на изведувач се патиштата Кочани-Виница-Делчево и како што најави премиерот за експресниот пат Струмица-Радовиш“, вели Манасиевски.
Во своето излагање, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Манасиевски се осврна и на процесот на дигитализација, посочувајќи го проектот за национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“, кој, според него, ќе ја позиционира Македонија во европската мрежа на центри за вештачка интелигенција.
„Претседателот Мицкоски заедно со министерот Андоновски го започнаа проектот за национална фабрика за вештачка интелигенција Везилка, што значи дека Македонија се надоврзува со модерната технологија. Стануваме дел од европска мрежа на центри за вештачка интелигенција којашто добива пристап до најсовремената инфраструктура за развој на вештачка интелигенција и која ќе се овозможи на домашните истражувачи, на универзитетите и компаниите да развиваат конкурентни иновации и дигитални решенија, и многу клучно е овде што тоа ќе биде на македонски јазик“, истакна Манасиевски




