Идејата на Регулаторот е да направи ревизија на блок тарифите кои се воведени за време на енергетската криза во 2022 година, бидејќи во меѓувреме многу се променети работите во енергетскиот систем и сектор. Затоа мислиме дека има простор да се направи ревизија се со цел некако да се внесат во мрежата, односно во конзумот новите трендови на производство на електрична енергија од обновливи извори. Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија, вели Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) во интервју за МИА и нагласува дека е добра идеја покрај во недела да има евтина тарифа на електричната енергија и во сабота.
-Процесот е отворен и мислам дека заслужува внимание, заслужува напор сите да бидеме во тек со времето, посебно во ова динамично време во енергетиката кое ќе стане уште подинамично. Бидејќи обновливите извори на енергија се непредвидливи и тоа создава дополнителни проблеми во мрежите и во системите за управување. Ветерната енергија и сончевата моментално се бум за инвестирање, а многу малку се инвестира во хидроенергијата која би требало да биде базична енергија, бидејќи хидроелектраните дали мали или големи, би требало да произведуваат 24 часа дневно и се со константно и предвиливо производство. Но, тие се се потешки за инвестиции и нивната изградба трае подолго време и е поврзано со многу процедури во државата за добивање на дозволи, енергетски, еколошки,…, а и хидрологијата во последните неколку години е малку проблематична со климатските промени. Заради тоа сите моментално се сконцентрирани на ветер и сонце, а тоа значи кога имате хиперпродукција на пазарот цените паѓаат. Затоа луѓето треба да бидат внимателни со инвестициите во енергетиката и не секој треба да си го дозволи луксузот да инвестира. На крај ,тоа е лична проценка и луѓето инвестираат во она што мислат дека брзо ќе се врати, вели Ристов.
Следува целосното интервју за МИА со претседателот на РКЕ, Ацо Ристов.
Уште веднаш кога стапивте на функцијата најавивте ревизија на блок тарифите. Што ви е идејата и зошто е потребна ревизија?
-Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија. Идејата на Регулаторот е да направи ревизија на блок тарифите кои се воведени за време на енергетската криза во 2022 година, бидејќи во меѓувреме многу се променети работите во енергетскиот систем и сектор. Затоа мислиме дека има простор да се направи ревизија се со цел некако да се внесат во мрежата, односно во конзумот новите трендови на производство на електрична енергија од обновливи извори. Тие имаат своја специфика и се произведуваат во денските часови за разлика од едно време кога имаше ноќна тарифа за евтина електрична енергија и се стимулираше ноќната потрошувачка заради цената, бидејќи индустријата работеше преку ден.
Сега со драстичните промени на пазарот, посебно за производството имаме дневна евтина, а скапа ноќна електрична енергија поради што ќе мораме да ја смениме и филозофијата на трошење на таа енергија. Акумулацијата на енергијата е многу тежок процес и немаме доволно капацитети да правиме толкави акумулирања или складирања на енергија за да можеме да го избалансираме целиот систем и се уште е актуелен принципот – како се произведува така треба да се троши. Заради тоа мислиме дека треба да направиме ревизија во која ќе ги вклучиме сите фактори кои влијаат – производителите, дистрибутерите, транспортерите и не само кај нас, туку од регионалниот пазар, бидејќи тоа се случува низ целиот Балкан каде фотоволтаиците станаа доминантни, а во последно време има и доста ветерна енергија во мрежа. Идејата е се да се стави на едно место, да се направат математички модели – тоа ние сега во моментов го правиме, и да видиме каков ќе биде резултатот.
Со тој резултат прво ќе излеземе кај нас во анализите, па потоа заедно со сите чинители – производители, Министерство за енергетика на крај и со Влада со некаков предлог дали можеме да направиме нешто за финално граѓаните да добијат некаков бенефит од „елдорадото“ на фотоволтаици во последно време и искористувањето на енергијата од она што и го дал Господ на Македонија, а тоа е сонцето. Сакаме да се изменаџира нов систем доколку излезе дека можеме да добиеме подобри услови за граѓаните, а доколку математиките покажат дека не е возможен – тогаш нема да менуваме ништо.
Првите анализи покажуваат дека во одредени периоди на денот може да им се понуди поевтина енергија на граѓаните или, пак, да се зголеми периодот на користење на таканаречената евтина тарифа. Тоа ќе ни го покаже математиката дали е изводливо – може, не може и колку може. Крајната цел ни е со зголемувањето на потрошувачката малку да се покачи цената на електричната енергија произведена од обновливи извори на берзата во делот од денот кога берзанската цена е нула денари – што не е економски параметар. Бидејќи ништо на светот не се произведува за нула денари затоа што компаниите имаат свои трошоци и кредитни линии за инвестиции поради што нулата не може да биде нула и не е нула. Пазарот е побарување и потрошувачка и доколку се зголеми побарувачката малку ќе се зголеми и цената на берзата што на луѓето кои произведуваат сепак ќе им даде некаква безбедност и извесност во инвестирањето. Ако сега застанеме со инвестирањето во обновливи извори на електрична енергија ќе се вратиме чекор назад. Идејата на цела Европа е да се инвестира во зелена енергија, во обновливи извори на енергија, но со овие цени на енергијата на берзата во текот на денот тоа станува неисплатливо за инвеститорите и можеби ќе застане бранот на инвестирање што не е добро за никого, бидејќи крајната цел на Европа и на светот е зелената енергија, односно производството на енергија од обновливи извори.
Кога отприлика би можеле да се знаат финалните резултати од анализата и да се очекува граѓаните да имаат некаков бенефит од произведената електрична енергија од обновливи извори?
-Согласно нашата методологија новата цена на електричната енергија ќе биде објавена и доколку се направат нови блокови ќе важат од 1 јануари 2027 година, меѓутоа ние мислиме дка веќе на крајот на септември ќе имаме некаква првична математика, односно првичен предлог што би значеле новите евентуални блок тарифи и како тоа би се менаџирало во време. Можно е новите тарифи да важат само одреден период – на пример од мај до септември кога има многу сонце, може нешто друго. Сега за сега се е на маса и правиме инженерски анализи да видиме се што може да се искористи за енергијата да дојде до крајните потрошувачи на транспарентен и поевтин начин. Само тоа е целта на идејата за ревизија на блок тарифите. Не е точно дека ние ќе штитиме некои производители и е далеку од памет. Ние како Регулатор сме тука за да ги штитиме потрошувачите и доколку може да им дадеме некој бенефит од она што го нуди пазарот. Ние имаме притисок и од производителите, бидејќи даваме и лиценци за производство на електрична енергија. Тие имаат реален проблем и викаат дека не може да ја пласираат енергијата, бидејќи моментално нема потрошувачка на енергија. Затоа идејата е и како да ја стимулираме потрошувачката во одредени периоди од денот или во недела со тоа што ќе ја примиме енергијата која во одредени периоди од денот е вишок на пазарот. Тоа едноставно е менаџирање на процесот со енергија.
Спомнавте зголемување на временскиот период на важење на евтината дневна тарифа. За колку часови и во кој период од денот се размислува да го направите тоа и дали планирате евтината ноќна тарифа и натаму да остане во периодот од 22 до 7 часот изутрина, како што е сега, или ќе се намали нејзиното времетраење?
-Се е математика. Она што ние сега моментално го добиваме како податоци од македоната берза, односно од МЕМО, во кој период од денот колку енергија се троши по која цена се продава, факт е дека има еден убав период од 11 до 15 часот во кој берзанските цени се многу ниски затоа што имаме вишок на енергија. Во тој распон можеби ќе се движиме со зголемување на периодот на поевтина електрична енергија, а за разлика од тоа можеби ќе има намалување во ноќните часови. Најскапата енергија на пазарот и највисоката берзанска цена е од 21 до 23 или 24 часот, токму во периодот кога ние имаме ноќна евтина тарифа што е апсурд. Ние сега му викаме на ЕСМ ти давај ја енергијата по 65 евра за мегават час во овој ноќен период без разлика што на берза е 300 евра. И тоа е економски неисплатливо.
Дали сегашната ноќната евтина тарифа се должи на навиките што ги имаат стекнато граѓаните поради подолгиот период на нејзино спроведување од неколку десетици години?
-Навиките кај луѓето ги диктира системот. Доколку направиме правичен систем брзо ќе се навикнат ако е за нив поголем бенефитот. Никој не сака да укине некој бенефит кој го имале, меѓутоа навиките дека мора нешто да се вклучува во 22 часот може да се променат – можеби ќе се вклучува преку ден. Ќе видиме што ќе се направи, но математиките секако ќе бидат интересни.
Дали се размислува евтина тарифа на електрична енергија да има во текот на цел викенд, односно и во сабота покрај во недела?
-Правиме и такви анализи бидејќи и во сабота и во недела практично имаме вишок на енергија што го потврдуваат и цените на електричната енергија на берзата. И сабота и недела се периоди во кои најголем дел од индустријата не работи поради што има вишок на енергија на пазарот која може исто да биде менаџирана. Ова е добра идеја која вреди да се разгледа покрај во недела да има евтина тарифа и во сабота. Се е на маса – едноставно го отвораме процесот и како ќе биде на крај и какви ќе бидат параметрите јавноста навреме ќе биде информирана. Ќе одиме со предлог за кој ќе има јавна дебата и нема да направиме ништо преку ноќ и да кажеме од утре ова така ќе биде. Ќе оставиме месец до два да издискутираме се заедно и доколку е исклучиво поволно за граѓаните ќе одиме во негова примена и никако на друг начин.
Колкав период ќе и треба на ЕВН Македонија да ги прилагоди броилата доколку има нови услови за нова евтина дневна тарифа?
-Мислам дека тоа може да го направат со брзо читање што и сега го прават доколку имаме накаков нов пропис. Новите броила се дигитални и промената на вакви тарифни модели не би требало да одземе многу време. Токму затоа сакаме на време да го изодиме процесот и ако се решиме за промени да им оставиме период од најмалку еден месец за да можат во отчитувањето после Нова година и тие да имаат нова платформа и пресметка за испорачана електрична енергија, промена на софтвер во броилата. Станува збор за структурална промена што се обидуваме да ја направиме и мора сите навреме и внимателно да ја направиме. Не е само еден учесник, во кругот се вклучени дистрибутерот, транспортерите, трговците на електрична енергија.

Дали имате комуникација со сите и дали веќе разговарате и ги споделувате ваквите идеи?
-Да, секако разговараме. Ние пред се, прибираме податоци од сите нив и тие знаат дека се подготвуваат промени. Веќе им е кажано за намерата за апдејтирање на сегашните податоци од последните две години кои се најсвежи бидејќи трендовите сега се случуваат после 2025 и 2026 година кога ги имаме новите случувања на мрежата и на пазарот. Сите знаат дека идејата е да се соберат нови податоци и оти имаме нова состојба во енергетскиот систем и дека нешто треба да направиме заеднички како да го менаџираме подобро. Ништо друго – сите се информирани и сите се на линија и никој не прави никакви отпори, затоа што идејата е да направиме за сите да биде подобро.
Дали производителите на електрична енергија од фотоволтаици размислуваат за инсталирање на батериски системи и дали РКЕ оди во насока да им каже дека мора 10 до 20 отсто од енергијата што ја произведуваат да ја складираат?
-Согласно новиот Закон за енергетика веќе е и правило и обврска за новите производители на електрична енергија од фотоволтаични централи да инсталираат батерии, меѓутоа и моногу од веќе постоечките капацитети кои се изградени кај нас поднесуваат барање за проширување на лиценцата за да можат да инсталираат и батерии. Ваквите батериски капацитети се уште се реалтивно високо финансиско оптоварување за компаниите, посебно во моментите кога нема добри цени на електричната енергија на пазарот од фотоволтаиците, а вие треба да доинвестирате уште еднаш во системот. Малку има проблем и со кредитирањето, односно треба да ги убедите банките дека на невратена инвестиција од претходно треба да доинвестираат во нов батериски сиситем при отворен пазар на електричната енергија. Ние сега на некој начин сме затворени само во Балканот и нема предвидливост до кога тоа ќе трае и кога ќе можеме да се приклучиме на европскиот пазар на електрична енергија за да има подобра предвидливост. Тоа секогаш е клучно кај финансирањето дали има доволно пари да се врати кредитот и дали може инвестицијата да се исплати. Банките секогаш се ригорозни околу таа работа и затоа малку има проблем околу финансирањето. Компаниите кои имаат сопствен капитал веднаш пристапија кон инсталирање на батерии.
Дали е исплатливо инвестирањето во батериски системи?
-Инвеститорите сами си знаат. Математиката е една и веројатно луѓето што прават анализи имаат некави берзански податоци и по нив ја прават математиката – во периодот кога е евтина електричната енергија на берзите ја складираат, а ја продаваат ноќе. Да напоменам ова е многу динамичен процес и е поврзан со ризици, бидејќи батерискиот систем денеска ќе биде исто како фотоволтаиците пред три-четири години кога беше „елдорадо“ и сите мислеа дека ќе ја продаваат електричната енергија на пазарот за 500 евра за мегават час за денеска да ја продаваат за 20, 30 или 50 евра за мегават час. Математиката пред три години и сега е многу променета, посебно во енергетиката заради тоа што брзо се случува развој. Ризиците се секогаш тука, меѓутоа оној којшто е прв и којшто знае и може тој и ќе профитира. Енергијата е стока како секоја друга – треба да инвестирате за да може да продавате и да може да правите профит.
Дали очекувате конечно државата да ја направи реверзибилната хидроелектрана Чебрен?
-Мислам дека има една позитивна идеја и определба конечно да се стартува со градбата на Чебрен, а не само да се прават муабети за негова изградба како што е години наназад. Според она колку е посветена Владата во псоледните месеци за оваа идеја, мислам дека ќе резултира со реално почнување и ако самата држава се стави во функција да ја гради, тогаш ќе се поедностават и постапките и јавните набавки и избор на изведувачи. Се надевам дека за многу кратко ќе излезат со бројки и со основни проекти за изведба и конечно да се вклучи македонската инженерска фела во развој на еден посеризен проект. Инаку, јас лично верувам во Чебрен. (МИА)




