Оваа година, „Мерцедес-Бенц“ слави 100 години од основањето на брендот. Можеби еден од најпрепознатливите автомобилски симболи во светот е создаден по основањето на „Дајмлер-Бенц АГ (Daimler-Benz AG)“ на 28. и 29 јуни 1926 година.
Важен миг во создавањето на идентитетот на брендот се случи и на 21 август 1926, кога беше регистриран заштитен знак што ги спои двете компании. Овој амблем сè уште се користи на возилата на „Мерцедес-Бенц“ денес и е еден од најпрепознатливите симболи во светот. Спојувањето на „Бенц“ и „Дајмлер“, т.е. основањето на „Дајмлер-Бенц АГ“ ги соедини традициите на два пионери на автомобилската индустрија – Карл Бенц и Готлиб Дајмлер. Бенц поднесе патент за првиот автомобил во светот во 1886 година, додека Дајмлер ја изгради својата „моторизирана кочија“ со четири тркала истата година. Името „Мерцедес-Бенц“ беше регистрирано како трговска марка на 25 април 1925 година.
„Мерцедес-Бенц“ уште од самиот почеток нагласуваше техничка извонредност, иновативност, квалитет и безбедност. Ова беше потврдено истата година на Саемот за автомобили во Берлин, одржан од 29 октомври до 7 ноември 1926 година, со првите модели на „8/38 ПС (W 02)“ и „12/55 ПС (W 03)“.
На саемот беше претставен и „Модел К“ – спортскиот предводник на брендот, којшто по успехот во трките со патнички автомобили, им се нудеше на клиентите од април 1927 година.
Беше претставена и нова генерација комерцијални возила, вклучувајќи ги камионите „Л-1“, „Л-2“ и „Л-5“ со капацитет од еден до пет тони, шасиите „Н-1“ и „Н-2“, како и иновативниот „НЈ-5“ за каросериите на автобусите и камионите. Од 1926 година, „Мерцедес-Бенц“ изгради углед на бренд којшто се залага за техничка извонредност, квалитет, препознатлив дизајн и пионерски новитети и иновации.
Во текот на 50-тите, компанијата силно ги прошири своите извозни пазари и стана сè поприсутна на сите континенти. Потоа, 60-тите и 70-тите го означија развојот на иновациите во луксузот, удобноста и безбедноста, додека 80-тите донесоа експанзија во новите сегменти во областа на возилата и дополнително зајакнување на меѓународното присуство. Со глобализацијата, „Мерцедес-Бенц“ стана светски бренд. Со почетокот на третото илјадалетие, интелигентните системи за помош на возачот, модерниот дизајн и дигиталните искуства играат важна улога.
Денес, „Мерцедес-Бенц“ ја носи својата дизајнерска филозофија и вон автомобилската индустрија. Дизајнот е важен дел од идентитетот на целата група и преку соработка со партнери е присутен во архитектурата, производите за животен стил и во спортот.
Колекцијата „Мерцедес-Бенц“ веќе носи модни додатоци и производи за секојдневна употреба инспирирани од дизајнот и естетиката на брендот. Проектот „Мерцедес-Бенц плејсес“ дополнително го проширува присуството на брендот во секојдневниот живот. Во Дубаи, ОАЕ, се развива „Плејсес / Бингати сити (Places / Binghatti City) – голем проект замислен како „град во град“, којшто ја пренесува филозофијата на „Мерцедес“ за дизајн, удобност и квалитет – на цел урбан округ. Глобалната иницијатива „Мерцедес-Бенц студиос“ ќе биде лансирана оваа година. Нови урбани простори ќе се отворат во 18 водечки светски метрополи на четири континенти, комбинирајќи го искуството на брендот и продажната содржина.
Годината 2026 е обележана и со најголемата офанзива со нови модели во историјата на „Мерцедес-Бенц“. Во исто време, брендот слави 140 години од пронаоѓањето на автомобилот со посебен проект „140 години – 140 места“.
Натаму, три нови седани од класата „S“ тргнуваат на трансконтинентално патување низ 140 дестинации низ целиот свет, почнувајќи и завршувајќи во Штутгарт. Патувањето ќе трае до октомври и ќе опфати шест континенти. „Мерцедес-Бенц херитиџ ГмбХ“ (Heritage GmbH) е одговорна за зачувување на историското наследство, т.е. управува со колекција од класични возила, архиви и музејски експонати.
Преку собирање, документирање и претставување на историски материјал, компанијата се стреми да ја доближи богатата историја на брендот до купувачите, љубителите на автомобили и пошироката јавност, следејќи го принципот „Наследството создава иднина“.
„Мерцедес-Бенц“ слави 140 години иновации од првиот автомобил патентиран од Карл Бенц, нагласувајќи дека оваа традиција останува основа за идниот развој на електрификацијата, дигитализацијата и одржливата мобилност.




