Шпанскиот фудбал го потресе веста дека легендарниот тренер Хоакин Капарос боледува од рак на дебелото црево. Информацијата во петокот официјално ја потврди Севилја, клубот со кој Капарос ги оствари своите најголеми успеси.

Седумдесетгодишниот стручњак веќе го започнал лекувањето, а од Севилја порачаа дека во овој тежок период ја има безрезервната поддршка од семејството, пријателите и целата клупска заедница.

„Севилја ФК сака да ја изрази својата најдлабока поддршка и почит кон нашиот почесен претседател Хоакин Капарос, кому му е дијагностициран рак на дебелото црево. Нашиот сакан поранешен тренер веќе го започна неопходното медицинско лекување“, соопшти клубот.

Капарос е една од најзначајните личности во современата историја на Севилја.

Тој го презеде клубот во 2000 година, го врати во Примера, а во текот на петте сезони постави темели на тимот кој подоцна стана еден од најуспешните во европските натпреварувања. Во три наврати повторно седнуваше на клупата како привремено решение, последен пат минатата сезона.

Во знак на благодарност за сè што направи за клубот, Севилја минатата година го именува за почесен претседател. Со вкупно 248 официјални натпревари и натаму е рекордер на клубот според бројот на водени натпревари.

Покрај Севилја, Капарос во богатата кариера ги предводеше и Депортиво Ла Коруња, Атлетик Билбао, Мајорка, Леванте и Осасуна, а има повеќе од 500 натпревари како тренер во Ла Лига. Во периодот од 2020 до 2022 година беше и селектор на репрезентацијата на Ерменија.