Една од најинтересните ситуации во завршницата на групната фаза на Светското првенство се случува во групата Ј, каде се наоѓаат Аргентина, Австрија, Алжир и Јордан.

Аргентина веќе обезбеди пласман во нокаут-фазата како првопласирана, Јордан ги загуби шансите за продолжување на турнирот, а најголемото внимание сега е насочено кон дуелот меѓу Австрија и Алжир, кои се борат за второто место.

Група J
# Тим НП П Н И ДГ ПГ Б
1 Аргентина 2 2 0 0 5 0 6
2 Австрија 2 1 0 1 3 3 3
3 Алжир 2 1 0 1 2 4 3
4 Јордан 2 0 0 2 2 5 0

И двете селекции имаат можност да продолжат во елиминациската фаза, но распоредот во нокаут-рундата донесе необичен парадокс.

Второпласираната репрезентација од групата речиси сигурно ќе се соочи со Шпанија во шеснаесетфиналето, додека третопласираната, доколку се најде меѓу осумте најдобри третопласирани селекции, би можела да добие значително полесен противник.

Дополнително, нерешениот резултат би можел да им одговара на двете репрезентации. Во тој случај и Австрија и Алжир би имале реални шанси да се пласираат во нокаут-фазата, додека победата на која било од нив би можела да ја доведе во прашање судбината на поразениот.

Токму затоа вниманието на јавноста ќе биде насочено и кон овој натпревар, со цел да се избегнат евентуални калкулации на теренот.

Аргентина, пак, нема причина за никакви пресметки. „Гаучосите“ ја завршија работата уште пред последното коло, а селекторот Лионел Скалони размислува единствено како што посвеж тим да ја дочека нокаут-фазата, во која ќе ја брани светската титула.

Лионел Меси против Јордан ќе добие заслужен одмор и ќе остане на клупата, но според најавите на Скалони, капитенот на Аргентина ќе влезе во игра во второто полувреме.