Селекторот на фудбалската репрезентација на Зеленортските Острови, Педро Бубиста, изјави дека е горд на сè што направила неговата екипа по историскиот пласман во шеснаесетфиналето на Светското првенство 2026.

Зеленортските Острови, кои пред Мундијалот во пријателски натпревар убедливо ја совладаа Србија со 3:0, продолжија со одличните игри и на најголемата сцена.

Во Хјустон одиграа 0:0 против Саудиска Арабија, го обезбедија второто место во групата Х и за првпат во својата историја се пласираа во нокаут-фазата на Светското првенство.

Група H
# Тим НП П Н И ДГ ПГ Б
1 Шпанија 3 2 1 0 5 0 7
2 Зеленортски Острови 3 0 3 0 2 2 3
3 Уругвај 3 0 2 1 3 4 2
4 Саудиска Арабија 3 0 2 1 1 5 2

Дебитантот на Мундијалот стана и најмалата држава во историјата на Светските првенства која успеала да ја помине групната фаза.

„Горд сум на сè што постигнавме. Мора да бидеме задоволни, ја завршивме групната фаза без пораз. Ни недостасуваше еден гол во последниот и тежок натпревар за да бидеме уште поуспешни, но и вака сме пресреќни. Го претставуваме нашиот остров, но ја претставуваме и Африка. Тоа е извор на огромна гордост“, изјави Бубиста.

Тој истакна дека една од целите на неговата репрезентација била да покаже дека и во малите држави се игра квалитетен фудбал.

„Ова покажува дека дури и најмалите држави можат да докажат дека ништо не е невозможно кога имате сила, решителност, фокус, волја и отпорност. Ние сме мала држава, но се бориме за она во што веруваме и за она што сакаме да го постигнеме. За нас ништо не е невозможно“, рече селекторот.

Бубиста додаде дека успехот е резултат на организација, тимски дух и секојдневна работа.

„Успеавме благодарение на организацијата и тимскиот дух. Имавме решителност и отсуство на страв. Работата му дава достоинство на човекот, а сите играчи ја разбраа важноста на секојдневната работа. Нашата земја и нашиот народ треба да бидат горди на неверојатните работи што ги прават овие момци“, додаде тој.

Зеленортските Острови во шеснаесетфиналето ќе играат против актуелниот светски шампион Аргентина, а Бубиста најави дека неговата селекција ќе продолжи со истиот пристап.

„Тоа е земја со која имаме долгогодишна врска, бидејќи многу жители на Зеленортските Острови емигрирале таму. Чест ни е што ќе играме против Аргентинците, но ќе продолжиме да играме како досега. Со вистински став, чувство на голема одговорност, но и со нашата личност и карактер. Тие го имаат Меси, кого не треба посебно да го претставуваме, но и ние имаме волја и желба“, порача селекторот на Зеленортските Острови.