Турција го раскина договорот за реадмисија на мигранти со Грција, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, јави весникот „Хуриет“.
Оваа одлука е одговор на одлуката на судот во Грција да ослободи осум турски војници кои избегаа во Грција по обидот за државен удар во 2016 година. Чавушоглу оцени дека таа одлука е „неприфатлива”.
„Грција, поточно нејзиното судство, е под невиден притисок од Запад. Имаме договор за бегалците со ЕУ, како и договор за реамдисија со Грција. Го суспендиравме договорот со Грција“, изјави Чавушоглу.
Со тој договор се одобрува враќање на „нерегуларни имигранти“ од Грција во Турција во замена сириски бегалци да бидат релоцирани низ ЕУ.
Во понеделникот, осумте војници беа ослободени по истекот на налогот за апсење. Одлуката за нивните барања за азил се уште не е донесена.