Холандската европратеничка Тинеке Стрик, која ја предводеше мисијата на ЕП за утврдување факти во Албанија, изјави дека албанското раководство „си игра со оган“ инсистирајќи на проект вреден 1,4 милијарди евра, кој, според неа, дека ќе го уништи недопрениот брег.

Таа во интервју за „Гардијан“ изјави: „Ако премиерот Рама е навистина сериозен во врска со своите амбиции за влез во ЕУ, треба да се откаже од овој курс и да му каже на кланот Трамп: Жал ми е, ЕУ е мој врвен приоритет. Тие во моментов го загрозуваат процесот за кој толку многу се грижат… Тие си играат со оган“.

Членството во ЕУ има поддршка од 92 проценти од албанските граѓани.

„Кушнер планира да изгради огромен луксузен комплекс за одмор на албанскиот остров Сазан, а во исто време да гради по должината на дел од недопрениот брег на полуостровот Зврнец, претставувајќи го како место каде што самиот би уживал со семејството и пријателите. ЕП јасно го изрази своето незадоволство минатиот месец. Во резолуцијата, европратениците ги поддржаа демонстрантите и побараа итно прекинување на изградбата во заштитените зони, објави „Гардијан“.

По четиридневната посета на местата планирани за изградба, Стрик рече:

„Ако продолжат, ќе имаат големи проблеми со ЕУ за време на преговорите, особено во Поглавје 27, каде што мора да ги исполнат сите критериуми на европските политики за заштита на животната средина. Планираната изградба на толку големи имоти во толку чувствителна област е огромна закана“.

Таа нагласи дека работите на полуостровот Зврнец веќе предизвикаа значителна штета и претставуваат јасно кршење на директивите на ЕУ.

Стрик тврди дека не биле импресионирани од владините претставници, повикувајќи се на разговорите со министерот за туризам и животна средина Софјан Јаупај, кој навестил дека работата ќе продолжи сè додека Албанија не биде законски обврзана да ги почитува стандардите на ЕУ.

„Си заминав со впечаток дека имаат намера да продолжат со овој проект пред да мора да се усогласат со законите на ЕУ, а тоа, се разбира, не е начин на лојална соработка. Изразувам загриженост поради обвинувањата за корупција што следат по издавањето градежни дозволи и продажбата на земјиште во Зврнец, а противниците на проектот го осудуваат недостатокот на транспарентност и јавна дебата, нагласи Стрик.

И покрај сè, таа рече дека била „охрабрена и уверена“ од албанските граѓани кои ги бранат европските вредности на улиците и бараат одговорност.

„Заминувам со чувството дека албанскиот народ навистина сака да стане членка на ЕУ, всушност, тие веќе чувствуваат дека таму припаѓаат“, посочи таа.

Според неа, секојдневните протести не се само за заканата за животната средина, туку прераснаа во пошироко движење за фундаментално владеење на правото.

„Албанците протестираат секој ден затоа што сакаат да имаат вистинска демократија, што навистина ја зајакнува мојата доверба во процесот и нивната желба за пристапување. Она за што не сум толку сигурна е дали владата на Албанија ги сфаќа сериозно загриженостите на албанскиот народ, на европратениците и на Европската комисија. Затоа ја повикав да го промени правецот и да ги сфати сериозно своите граѓани“, нагласи Стрик за „Гардијан“.