Реконструкцијата на Владата која ќе се гласа на 13 јули не е ништо друго освен централизација на моќта во рацете на Христијан Мицкоски. Она што се претставува како „освежување“ е всушност чист театар, стои во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

Се менуваат министри, но политиките остануваат исти.

Се менуваат лица, но неуспесите продолжуваат. Ова не е реформа – ова е консолидација на лична власт.

Мицкоски веќе ја има целосната контрола врз својата партија. Сега сака да ја има и врз целата држава.

Сите важни одлуки се носат во неговиот кабинет, коалиционите партнери се сведени на статистичка декорација, а институциите се претвораат во сервис на премиерот.

Ова е авторитарен модел директно преземен од Александар Вучиќ – силен претседател кој не треба да има вакви институционални овластувања, кој ја слабее владата, ја контролира партијата и постепено ја става државата под лична команда.

Наместо колективна одговорност, добиваме лична власт. Наместо институции, добиваме еден човек.

Граѓаните не треба да се лажат. Оваа реконструкција нема да донесе подобар живот, нема да ги намали цените, нема да ги зголеми платите и нема да ја забрза европската интеграција.

Ќе донесе само дополнително поголема концентрација на моќ во рацете на еден човек.

Македонија не ѝ треба премиер кој сака да биде влада самиот.

Нам не ни треба лидер, ни треба систем. А за систем ни е потребна Европската Унија, за да им се врати довербата на луѓето во институциите.

На Македонија ѝ треба Влада која работи за граѓаните, а не за сопствената власт.

Фронтот за вистина и правда ќе ја врати власта во рацете на народот.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ