Израелската армија е подготвена да го нападне Иран „по трет пат доколку е потребно“ и „дури и посилно“, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац за време на воена церемонија.
Новите американски напади врз Иран и нападите на Техеран врз регионалните сојузници на САД од среда го доведоа во прашање прекинот на огнот меѓу двете страни.
„Армијата е подготвена и во состојба на подготвеност да продолжи да се бори со цел повторно да воспостави воздушна надмоќ и повторно да нападне (…) во Иран и да ги отстрани заканите, дури и по трет пат доколку е потребно“, нагласи Кац.
За време на истата воена церемонија, премиерот Бенјамин Нетанјаху тврдеше дека Иран е ослабен од две воени кампањи што ги започна Израел.
„Иран и неговите сојузници се послаби од кога било“, рече тој, признавајќи дека конфликтот не е завршен.
Војната против Иран започна на 28 февруари кога САД и Израел започнаа воздушна офанзива во која беа убиени врховниот лидер Али Хамнеи и бројни други високи ирански функционери.
Тоа беше втората израелска операција против Иран по 12-дневниот конфликт во јуни 2025 година, во кој се приклучи и Вашингтон.
МИА




