Левицата соопшти дека ја одложила координативната средба за Изборниот законик поради отсуство на претставник од СДСМ. Ова е очекувана реакција од партија што се обидува да создаде привид на опозициско единство, а во реалноста ја турка агендата на Христијан Мицкоски, наведува СДСМ во соопштение, што МИА го пренесува интегрално.

Позицијата на СДСМ по прашањето на Изборниот законик е јасна и недвосмислена. Нема што да се усогласува со Левицата.

Ние нема да прифатиме предлози што отвораат простор за изборна кражба, особено кога станува збор за гласањето на дијаспората и за модели што фаворизираат една партија на сметка на фер и транспарентни избори.

Левицата како сателитска партија на ВМРО нема легитимитет да ја претставува опозицијата, ниту да ја диктира агендата.

Нивната улога во изминатиот период е повеќе од јасна, да создаваат притисок врз СДСМ да прифати решенија што се во интерес на Мицкоски, а не во интерес на фер избори.

СДСМ нема да учествува во какви било координации, чија цел е да се прикрие вистинскиот проблем: криминалната група ВМРО сака Изборен законик со кој ќе може да ги контролира и да ги манипулира резултатите.

Нашата позиција е јасна: Изборниот законик мора да гарантира фер, транспарентни и фер избори.

Сè друго е обид за изборен инженеринг.

СДСМ