Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска, денес истакна дека по долги години на дното на листата за државни приоритети, со ВМРО-ДПМНЕ на власт спортот се враќа во фокусот на Владата и го добива заслуженото место.

Спортот, според Димитровска, е област во која треба да се инвестира, за резултатите и ефектите да се почувствуваат по извесно време на многу труд, напор, тренинзи на генерации млади спортисти.

За да можат посветено и безгрижно младите надежни спортисти да се посветат на нивниот развој, напредок и постигнување резултати, потребно е државата да инвестира и да обезбеди соодветна модерна и современа спортска инфраструктура.

„Тоа го прави Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде за две години се инвестирани над 21 милион евра за реализирање и отпочнување на нови спортски проекти.

До сега реализирани и отпочнати се 60 проекти како што се спортската сала „Расадник“, атлетските патеки во Велес и во Гевгелија, спортската сала во Радовиш, салата на УКИМ, нови спортски сали во Општина Аеродром, во Крушево и во Воената академија во Скопје, нови трибини на Градскиот стадион во Тетово. Изградени и реконструирани се безброј игралишта, мултифункционални терени и спортски објекти, посветено се работи и на деветте базени низ државата кои се во различни фази на реализација.

Исто така, се воведе потранспарентен систем за распределба на средствата, со јасни критериуми и со цел државната поддршка за спортот да биде насочена кон спортистите, клубовите и федерациите“.

Како што рече, ова не се само бројки кои убаво звучат. „Ова се средства кои значат поддршка и овозможуваат подобри услови за развој на спортот и спортистите. Вложувањето во спортската инфраструктура значи изградба на објекти во кои ќе тренираат нашите деца. Ова се инвестиции што ќе останат за генерациите што доаѓаат.

Со конкретните инвестиции во спортот, покажуваме дека проблемот никогаш не бил во парите, проблемот бил во приоритетите. Кога спортот не е приоритет, се бараат само изговори, а кога спортот ќе стане државен приоритет, како сега, тогаш се градат сали, базени, атлетски патеки и игралишта“.

Пратеничката нагласи дека на спортот и младите не се штеди, во спортот и младите безрезервно се вложува и инвестира, а токму тоа го прави Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.