ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека образованието повторно е еден од главните приоритети на Владата, посочувајќи дека во изминатиот период се реализирани повеќе мерки насочени кон подобрување на условите за учениците и наставниците.

На денешната прес-конференција, пратеничката Емилија Ангелова истакна дека втора година по ред учебниците за сите одделенија се обезбедени уште на првиот училишен ден. Според неа, набавени се повеќе од еден милион примероци по пониски цени, со што во последните две години биле заштедени околу 45 милиони денари. Таа додаде дека за првпат по седум години повторно се обезбедени учебници по странски јазици.

Ангелова рече дека со спогодбата потпишана со СОНК е предвидено платите на наставниците во следните четири години да се зголемат од 40 до 60 проценти, зависно од инфлацијата, а во првите две години, како што наведе, веќе се зголемени за повеќе од 20 проценти.

Во делот на инклузивното образование, таа посочи дека бројот на образовни асистенти е зголемен на 1.350 во основното образование, а за првпат се ангажирани и 150 асистенти во средните училишта.

Според ВМРО-ДПМНЕ, во тек е и модернизација на образовниот процес преку опремување на повеќе од 160 училишта со современа ИТ-опрема, дигитализација на услугите за учениците и студентите, воведување електронски свидетелства и нов електронски дневник, како и насоки за етичка примена на вештачката интелигенција, при што, како што беше наведено, обука поминале повеќе од 1.000 наставници.

Од партијата информираа и дека во првата година од мандатот биле инвестирани над 70 милиони евра во изградба, реконструкција и проширување на образовната инфраструктура, оценувајќи дека со овие мерки се подобруваат условите за работа и учење во образовниот систем.