Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва од Битола, по повод одбележувањето на роденденот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола, во обраќањето пред членовите, ветераните, Унијата на жени и поддржувачите, порача дека довербата од народот е најважна и ниту една функција, ниту позиција не може да биде поважна од тоа.
Тој, во својата објава на Фејсбук, посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е најсилно кога е обединето.
-Ако постои една лекција што ја научивме низ сите изминати години, тогаш тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ е најсилно кога е обединето. Ниту една функција, ниту една позиција и ниту едно лично несогласување не може да биде поважно од довербата што ни ја дава народот. Нашата сила никогаш не била во поединците, туку во заедништвото и чувството дека припаѓаме на нешто поголемо од нас самите, наведува Мицкоски.

Тој посочува дека довербата не е сопственост на ниту една партија и ниту еден политичар, таа е позајмена од граѓаните и трае само додека работиме чесно, посветено и одговорно.
-Нашата победа има вистинска смисла само ако ја претвориме во подобар живот за граѓаните во нови работни места, повисоки плати и пензии, подобро здравство и образование, посилни институции и држава во која успехот зависи од трудот, знаењето и чесноста. Верувам во Македонија затоа што верувам во нашиот народ. Верувам во Битола затоа што знам колку сила, талент и достоинство има во луѓето на овој град, пишува Мицкоски во објавата.

Тој нагласува дека најдобрите денови не се зад нас, туку пред нас, доколку, како што вели, останеме блиску до народот, доколку не дозволиме функциите да нè променат и доколку секоја победа ја сфатиме како нова обврска.
-Да продолжиме заедно, обединети, храбри и одговорни, за Битола која расте, за Македонија која победува и за иднината што сме должни да ја изградиме, наведува Мицкоски во објавата по повод роденденот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола.




