Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска телефонски разговараше со специјалните пратеници на САД, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, соопшти советникот на украинскиот претседател за комуникации, Дмитро Литвин.

„Разговорот беше конструктивен и значаен. Разговаравме за обновување на дипломатските напори и иницијативите за постигнување мир“ – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс, додавајќи дека двете страни ќе продолжат со тесна координација.

Укринформ потсетува дека Зеленски и претходно изразуваше надеж дека Кушнер и Виткоф ќе ја посетат Украина.

Претходно денеска Зеленски разговараше и со постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, за издавање лиценци за производство на ракети-пресретнувачи за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.