Сместен во срцето на Кикладските Острови, Тинос речиси два века е познат како едно од најзначајните православни места за поклонение во Грција, но во последните години сè повеќе го привлекува вниманието и на туристите, кои бараат автентична медитеранска атмосфера, традиција и културно наследство.

Освен по религиозниот туризам, познат е и по мермерот, како нераскинлив дел од идентитетот на островот, по традиционалните мали села со зачувана кикладска архитектура, популарните традиционални летни панаѓури, невообичаените гулабарници, по ветерот, по торпедираниот воен брод „Ели“ од италијанска подморница за време на прославата на празникот Голема Богородица и непосредно пред вклучувањето на Грција во Втората светска војна, по локалниот колбас и локалните слатки, но и по плажите со сино-тиркизна вода.
Дописничката на МИА го посети Тинос, третиот по големина остров од групата Киклади, на површина од 197 квадратни километри, со 8.934 жители и 62 села, сместен е меѓу Андрос и Миконос, познати и како островот на Богородица, поради црквата на Пресвета Богородица со чудотворната икона пред која верниците се поклонуваат пристигнувајќи на колена, а според мештаните, на островот има над 1.000 цркви и параклиси и исто толку гулабарници на целиот остров.

Поразговаравме со верници, кои на островот стигнале специјално за чудотворната икона и да се поклонат и да остават завет или да ѝ се заблагодарат на Богородица, со туристи – странски и домашни, со протопрезвитерот Георгиос Фанерос, генералниот архијерејски намесник на светиот остров Тинос, кој ни ја раскажа историјата на црквата, но и со хотелиери, угостители и локално население за другото лице на Тинос.

За време на неколкудневниот престој на Тинос, освен домашни туристи од Грција, сретнавме Французи, Американци, Израелци, Турци, Кипрани, но не и туристи од Балканот, нешто за што поразговаравме и со градоначалникот на островот Панајотис Кронтирас, кој во интервју за МИА, меѓу другото, посочи дека настојуваат да спроведат насочени активности за промоција и соработки, за „посетителите од Балканот да знаат дека Тинос е лесно достапна и безбедна дестинација со висок квалитет“.

Патувањето од Атина трае меѓу два и три часа со брзите бродови, секојдневно има по над десет траекти што сообраќаат во текот на целиот ден до островите и една од попатните станици е Тинос, а бродовите во текот на летниот период пристигнуваат полни.

Хора – срцето на островот
Пристаништето на Тинос е во Хора, името што во Грција се користи за главните градови на островите, а по излегувањето од траектот, во центарот на градот, е главната улица – булеварот Мегалохари, што во превод значи „Богородица на големиот благодат“, еден од најпознатите и најупотребувани изрази за Пресвета Богородица во Грција, особено на островот.

Хора, како главен град, е срцето на островот, со оглед на тоа што тука се наоѓаат пристаништето, црковниот комплекс со светиот храм на „Пресвета Богородица Евангелистрија“ („Благовестителка“) и чудотворната икона, но тука се и пповеќето од хотелите, таверните, рестораните, кафулињата и баровите.
При пристигнувањето на Тинос, првиот контакт со островот и првата слика за туристите е токму Хора, изградена на крајбрежјето, со бели традиционални куќи и големо шеталиште покрај морето.

Внатрешноста на градот е типична за Кикладските Острови – со тесни улички со калдрма и мали плоштади, исполнети со маси и столови од таверните и кафулињата, а во периодите од денот, кога не е толку топло, односно претпладне и во приквечерината, малите сокачиња се полни со туристи.

Во Хора се Археолошкиот музеј на Тинос, Општината, продавници со локални производи – мермерни сувенири, рачно изработен накит, традиционални слатки, мед, сирења и локални вина, но и плажата Агиос Фокас, што е една од најпосетените на островот.

Хора е и идеално место за сместување и почетна точка за обиколка на островот и посета на традиционалните села и/или плажите.

Автомобилот е најдобрата опција за прошетка, но постојат и локални автобуси, кои Хора ја поврзуваат со повеќето од селата што вреди да се посетат, како и со голем број од плажите.

Пиргос – центарот на мермерната уметност во Грција и родното место на еден од најзначајните грчки скулптори, Јанулис Халепас
Прво на листата со села што задолжително треба да се посетат за време на престојот на Тинос е Пиргос – мало планинско село, кое не само што е синоним за мермерот, еден од најпрепознатливите симболи на Тинос и нераскинлив дел од идентитетот на островот, туку е и центар на мермерната уметност во Грција.

Се наоѓа во северозападниот дел на островот, на речиси 45 минути од Хора, селото е најголемо на островот, со нешто помалку од 400 постојани жители, и плени со својата убавина, со традиционалните бели градби карактеристични за Кикладските Острови – со тесни улички, со мермер присутен на секој агол и секој чекор, што воедно е дел од секојдневието на голем број од жителите, а обработувањето и денес останува традиција, што ја продолжуваат локалните работници со мермер и скулптори.

Островот е познат по белиот и зелен мермер, а во 2015 година мермерорезбата на Тинос беше впишана на репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО како едно од најзначајните традиционални занаетчиски наследства на човештвото, а селото беше карактеризирано како музеј на отворено.

Тесните калдрмисани улички во Пиргос личат на вистински лавиринт, а посетителот може само да му се препушти, да ужива во белите градби, мермерните фасади и расцветаните дрва знаејќи дека сигурно нема да се загуби бидејќи неизбежно патот ќе го одведе до плоштадот во центарот на селото.

Тоа е местото каде што пулсира животот, плоштадот е мал, опкружен со кафуле, слаткарница и таверна, чии маси се поставени под гранките на стариот чинар, но и мермерната фонтана изработена од локален мермер.

Чинарот и фонтаната се најпрепознатливите обележја на селото, а плоштадот е едно од најживописните места на Тинос и омилен за почивка на туристите – за кафе или ручек, но и за да го пробаат традиционалниот грчки десерт „галактобуреко“, што се прави од кори со млеко, јајца и шеќер и прелив од шербет.

Меѓу знаменитостите во Пиргос се црквите „Свети Никола“ и „Свети Димитриј“.
Н
Пиргос е и родното место на познатиот грчки скулптор Јанулис Халепас (1851 – 1938), еден од најистакнатите скулптори во современа Грција, а неговата семејна куќа од 1968 година е прогласена за заштитен споменик. По повод 120-годишнината од раѓањето, во 1971 година била претворена во музеј посветен на неговото творештво, но во овој период се врши реставрација, конзервација и преуредување и е затворена за посети.

Халепас студирал скулптура на Школата за ликовни уметности во Атина, образованието го продолжил во Кралската академија за уметности во Минхен, а на 24-годишна возраст се вратил во Грција и ги создал своите први значајни дела, меѓу кои и прочуената мермерна скулптура „Заспаната девојка“, поставена на гробот во Атина на младата девојка Софија Афендаки, која починала од туберкулоза, а нејзиното семејство побарало од уметникот да изработи надгробен споменик.

Во 1888 година, Халепас, поради нарушено ментално здравје, бил примен во психијатриската болница на Крф, а во родниот Пиргос се вратил во 1902 година и по подобрувањето на здравствената состојба во 1918 година, повторно почнал активно да твори и работел сè до својата смрт во 1938 година.

Во музејот се изложени дела од сите фази на неговото творештво, како и архивски материјали што го документираат неговиот живот, но и графитите и цртежите што самиот Халепас ги оставил на ѕидовите од куќата.

Од прошетката низ Пиргос не може да изостане посета на уште две места директно поврзани со мермерот од Тинос, што го краси не само островот туку и значајни градби и споменици во Грција и пошироко – Школата за мермерни уметници, скулптори и резбари со историја од над половина век и Музејот на мермерната уметност, единствен од ваков вид во земјата.

Се наоѓаат на крајот од селото, Школата во текот на летниот период се реновира, а Музејот е отворен за посетителот да научи сè што е поврзано со мермерот и традицијата на обработка – од вадењето до создавањето на скулптурите.
Прикажани се техниките, алатите, како и општествените и економските услови во кои се развивале локалните работилници, а постојаната изложба содржи разновидни мермерни предмети за црковна, надгробна и секојдневна употреба, како натписи, фонтани, прозорски рамки, украси итн., но и алати за вадење и обработка на мермер, машинска опрема, архивски материјал, како и збирка нацрти од стари мајстори мермероресци во Грција.

Со еден збор, посетителите може да се запознаат со традиционалните техники на вадење, првична обработка и транспорт на мермерот, како и со неговото обликување и поставување во една градба – од првиот чекор до завршеното дело.
Пред влезот се изложени машина за влечење мермерни блокови и вагонет за нивен транспорт од каменоломот.
Музејот е отворен секој ден, освен вторник, а билетот чини 8 евра.

Веднаш до музејот е и Школата за ликовни уметности, основана 1955 година, која со децении образова генерации скулптори, мермероресци и уметници, продолжувајќи ја вековната традиција на обработка на мермер на Тинос.
На патот кон Музејот и Школата наидуваме и на локалните гробишта, кои се уште еден доказ дека во Пиргос сè е во знакот на мермерот.

Локалните жители велат дека некои од надгробните споменици се изработени од познати грчки скулптори, но и дека се вистинска изложба на мермерната уметност.
Ова го потврдува и фактот што не е мал бројот на туристи што, движејќи се накај Музејот, застануваат пред гробиштата, влегуваат и внимателно и со воодушевување ги разгледуваат надгробните споменици еднакви на уметнички дела.

Жителка на селото во разговор со дописничката на МИА објаснува дека во минатото на Тинос постоеле две главни професии – во едниот дел од островот се занимавале со мермер, а во другиот биле морнари.
– Мермерот е препознатлив знак на Пиргос. Сè што е од мермер во другите градови потекнува од тука. Многу жители на Тинос, искусни мермерни работници во минатото, биле повикувани да работат на големи мермерни проекти во Атина – вели жителката на селото Пиргос.

Дури и во нејзиното семејство мермерот е традиција што се пренесува од колено на колено, нејзиниот татко и дедо биле мермерни работници.
Тесните улички изобилуваат и со мермерни работилници, преку кои е зачувана традицијата, а занаетот се пренесува од генерација на генерација.

Во една таква работилница продавница го сретнавме сопственикот и изработувач на мермер Димитрис, кој веќе 60 години се занимава со оваа професија.
Продавницата изобилува со скулптури и декорации, а највпечатливи се мермерните мозаици во разни форми и со разни мотиви, инспирирани од антиката, религијата, но и од современата уметност.

– Во 1959 година заминавме од тука, тоа беа тешки години. Сиромаштија. Отидовме да работиме во Атина. Мене тоа не ми се допаѓаше, сакав да правам нешто поинакво. И почнав да се занимавам со мермерот. Многу патував во Италија, видов многу работи, ги правев моите сопствени планови и веќе 60 години се занимавам со ова. Ние овде го имаме зелениот и белиот мермер, но јас не користам само мермер од Тинос, користам мермер од целиот свет – ни вели мермерорезбачот.

За Пиргос, селото од кое потекува и каде што живее, коментира дека секој агол си има своја историја, се осврнува на Музејот на мермерната уметност, на Школата, но и на Халепас, за кој вели дека додека творел во своето време, не бил доволно ценет.

Освен Пиргос, вредни за посета се и други традиционалните села, како што се Волакас, Кардијани, Истернија и Дио Хорија, кои се значително помали од Пиргос, но се исто толку впечатливи со истата бела архитектура карактеристична за Кикладските Острови.

Патувајќи низ островот, од едно до друго село, се забележува уште една карактеристична слика за речиси сите Кикладските Острови – суров каменит предел, со малку зеленило, а на многу места се издигаат и мали цркви или параклиси.

Речиси 1.000 невообичаени гулабарници распространети на целиот остров
При обиколката на островот не остануваат незабележани невообичаените правоаголни градби, како мали куќички во бела или кафеава боја, повеќето украсени со геометриски мотиви, ромбови, триаголници, сонца и други декоративни елементи, кои се нижат низ ридовите на островот, распослани на разни локации.

Станува збор за гулабарниците, кои, како што велат локалните жители за МИА ги има речиси 1.000 на целиот остров, а веројатно потекнуваат од времето на венецијанското владеење со Тинос (1207 – 1715 година) кога ја донеле традицијата на одгледување гулаби.

Меѓутоа, тогаш гулабарниците биле привилегија исклучиво на феудалците, а локалното население немало право да ги поседува, но по доаѓањето на Турците во 1715 година, мештаните добиле можност да градат сопствени гулабарници на своите имоти.

Со текот на времето уметниците од островот и локалните изработувачи на мермер ги претвориле гулабарниците во уметнички дела, некои од нив зачувани и денес.

Иако поголемиот дел од гулабарниците повеќе не се користат, сепак се зачувани и се сметаат за еден од симболите на островот, а се исто така примамливи и за туристите.

Поради долгото венецијанско владеење со Тинос, на островот зачувани се и функционираат и католички цркви, а во минатото постоеле и женски католички манастири, кои сега веќе се затворени.

Според мештаните, на Тинос сè уште постои голема католичка заедница, една од најголемите во Грција.
Од дестинација за религиозен туризам, Тинос веќе е развиен во туристичка дестинација што ги обединува културата, гастрономијата, плажите и забавата
Токму овој спој на православната и католичката традиција е уште една причина плус за странските туристи да го изберат Тинос за своја летна дестинација, а за време на престојот забележително беше присуството на посетители од Франција за кои хотелиерите велат дека со години се традиционални гости.

Островот е полн со туристи, чиј број се очекува дополнително да се зголеми во текот на август и во периодот околу празникот Голема Богородица (15 август) кога Тинос е главната дестинација за верниците. Тогаш е најголем бројот на поклоници, се одржуваат свечености, на кои традиционално присуствуваат претставници на грчкиот државен врв, министри и политичари.

Со оглед на тоа што од Атина со брзите бродови се стигнува и за два часа, не е мал бројот на оние за кои е викенд-дестинација.
Од друга страна, постојат и организирани поклонички тури од туристички агенции, најчесто во траење од неколку дена, но и во вид на еднодневни екскурзии.

Како што велат хотелиерите, угостителите, но и мештаните, во изминатите години на островот има сè повеќе странски туристи, но и млади Грци.
За туристичката сезона и за туризмот, дописничката на МИА поразговара со Михаил Кондилас, сопственик на хотел во центарот на Хора, кој има потекло од Тинос и детството го поминал токму на островот.

Вели дека туризмот се развива и се менува, а островот, кој со години беше насочен и познат по религиозниот туризам поради Пресвета Богородица, сега им се обраќа на сè пошироки групи луѓе со разни интереси.
– Во последните, би рекол пет-шест години, постоеше обид Тинос да стане познат на поширока јавност не само по црквата и религиозниот аспект туку како остров што има многу други карактеристики и може многу да понуди како туристичка дестинација. Тинос отсекогаш ги имал овие убавини, но во последните години тие повеќе се промовираат и се разви еден вид туризам кој не се однесува само на религиозниот дел. Значително е зголемен бројот на оние што доаѓаат на островот за да го откријат самиот остров, како и неговите убавини – вели Кондилас.

Додава дека овие убавини вклучуваат гастрономија, култура, традиција, спортски активности, плажи, забава, како и голем број села.
– Во последните пет години Тинос стана дестинација каде што доаѓаат многу млади. Има забава. Од плажи, барови и плажа-барови, па до ноќен живот, особено во главниот град Хора, каде што има разни локали. Островот има живот и енергија, а сезоната постепено се продолжува. Порано можеше да се каже дека сезоната за сите овие активности беше пократка, но сега гледаме дека постепено се проширува – истакнува сопственикот на хотелот.

Она што го посочува како позитивен факт е што бродските линии кон Тинос постојано се зголемуваат во текот на летото, но не е мал бројот на туристи што како опција го користат аеродромот на Миконос, а потоа со поморско такси пристигнуваат на Тинос.

Островот е познат и по многубројните летни фестивали со жива музика и храна, т.н. панаѓури, што се одржуваат во селата, а во изминатите години се популарни меѓу младите.
Плажи за сите вкусови
И додека туристичката сезона на Тинос од година на година е подолга, за плажите сезоната во голема мера зависи од ветрот, со оглед на тоа што островот е познат по силниот северен ветер присутен во текот на целата година, но и во текот на летото, што иако помага во справувањето со високите температури, сепак го отежнува престојот на плажа.

Тинос, според официјалните податоци, има вкупно 41 плажа, некои од нив се уредени и организирани со барови на плажа, лежалки и чадори, други се слободни и недопрени, трети се долги и широки, четврти мали во тесни заливи.

Најпопуларната (и веројатно најфотографираната) плажа на Тинос е Колимбитра, што во превод значи крстилница, и се наоѓа во северниот дел на островот, а честиот северен ветер и големите бранови создаваат одлични услови за сурфање и важи за омилено место на сурферите.

Поради специфичната уреденост на плажата, ниските чадори како печурки, бојата на морето и погледот од високо веднаш по пристигнувањето, ја прават плажата една од најубавите на островот, која, освен меѓу сурферите, популарна е и меѓу младите.

Чадорите печурки се изнајмуваат за цена од 20 евра, а на долгата плажа со ситен песок има слободен простор за поставување пешкир или сопствен чадор за сонце.

За посетеноста на плажата и општо за туристичката сезона, но во однос на плажите, поразговаравме со Еви, која е одговорна за барот на плажа и за организираниот дел на Колимбитра и вели дека сезоната е многу специфична во зависност од ветерот.

Почнуваат со работа на 1 јуни и затвораат на крајот на септември, но посочува дека јуни секогаш е месец со помала посетеност.
– Главната сезона почнува на средината на јули и завршува на 25 август. Така е секоја година, тогаш е најголемата туристичка раздвиженост. По 25 август и во текот на септември, ако имаме среќа и времето е убаво, може да има посетители. Овде често дуваат силни северни ветрови, кои ја намалуваат температурата, особено во септември, па тогаш на луѓето им е потешко да дојдат на плажа. Ако времето е добро, ќе има посетеност, но генерално гледано, туристичката сезона секоја година се одвива по ист модел – објаснува одговорната на плажата.

Плажата се нарекува и Голема Колимбитра, а веднаш до неа е и Малата Колимбитра во соседниот залив, плажа омилена за семејства и мали деца поради отсуството на ветер и големи бранови.
И на двете плажи, освен уредениот дел, постои слободен простор за поставување пешкири, чадори за сонце и сл.

Малата и Големата Колимбитра се на приближно 25 минути од Хора, има паркинг-простор за автомобили, но и автобуска линија, а автобусите застануваат на 500 метри од плажите по што преку скали се стигнува до песочниот рај.

За оние што се сместени во Хора и не сакаат да губат време во патување до плажа, постои Агиос Фокас, се стигнува и пеш за 20-ина минути движејќи се низ уличките во градот или по шеталиштето, а со автобус или автомобил возењето трае помалку од пет минути.

Плажата е долга и песочна со неколку барови со чадори и лежалки на самата плажа, а меѓу нив е оставен голем, слободен простор за оние што имаат своја опрема.
Цените на сет лежалки со чадор се меѓу 20 и 30 евра.

Сопственик на еден од баровите на плажа за МИА објаснува дека се обидуваат цените да ги задржат релативно пристапни за сите, но и дека секое лето имаат сè повеќе туристи.
Остатоците од воениот брод „Ели“ – сведоштво за еден историски настан
При прошетка по крајбрежната променада не останува незабележан споменикот во вид на преден дел од брод, со напишани 1940 од едната и името „Ели“ од другата страна, што всушност претставува спомен-обележје на торпедираниот грчки воен брод од италијанска подморница.

На 15 август 1940 година на денот на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, рано наутро, непосредно пред литијата со светата икона, кога веќе почнале да доаѓаат верниците, воениот брод бил закотвен на пристаништето, а италијанската подморница „Делфино“ се приближила и лансирала три торпеда кон „Ели“, од кои само едно го погодило бродот предизвикувајќи експлозија во машинскиот отсек и пожар во резервоарите за гориво, при што загинале деветмина членови на екипажот, а повредени биле 24 лица.

Настанот во Грција бил доживеан како симболичен чин на агресија непосредно пред влегувањето на земјата во Втората светска војна.

Денес, на местото каде што била нападната, до спомен-обележјето е изложен мал топ, заштитен во стаклена кабина, на која е залепен натпис од весник за торпедирањето.

Во малата црква „Животодавен извор“ во рамките на црковниот комплекс, во кој е и светиот храм на Пресвета Богородица, постои мал изложбен простор со делови од бродот, предмети поврзани со неговата историја, но и дел од торпедото што го погодил бродот.

По поминати нешто повеќе од 72 часа на островот, може слободно да се каже дека Тинос плени со својата уникатност и токму затоа се разликува од другите Кикладски Острови.
Можеби го нема интензивниот ноќен живот како соседниот Миконос или погледот на калдерата од Санторини, но на посебен начин ги спојува духовноста, традицијата, природните убавини и уметноста, преплетени со грчката традиција и засега добро се справува со прекумерниот туризам, што веќе претставува проблем за дел од популарните грчки острови.

За уникатноста на Тинос и она што им го нуди на посетителите, поразговаравме со градоначалникот на островот, кој во интервјуто за МИА, кое ќе го објавиме утре, вели дека најголемата предност на Тинос е неговиот повеќеслоен идентитет.
МИА




