Кина денеска остро ги критикуваше изјавите на министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Петерс, кој за време на парламентарна расправа му порача на опозицискиот пратеник Лоренс Сју-Нан, роден во Кина, „да се врати во својата земја“, оценувајќи ги како дискриминаторски и полни со предрасуди.
„Немаме апсолутно никаков интерес да бидеме вовлечени во внатрешната политика на други држави“, напиша кинескиот амбасадор во Нов Зеланд, Ванг Сјаолонг, на платформата Икс, додавајќи дека „понекогаш една изјава зборува повеќе за оној што ја изговара отколку за кого било друг“.
Инцидентот се случи за време на општата парламентарна дебата во средата, кога пратеникот од Зелената партија Лоренс Сју-Нан го прекина говорот на Петерс за владиниот одговор на пандемијата од Ковид-19 и го праша дали бил вакциниран.
Петерс на тоа му возврати со зборовите: „Врати се во својата земја“, додавајќи дека Нов Зеланд е „демократија, за разлика од она на што си навикнат“.
Лоренс Сју-Нан е роден во Кина, а со своето семејство се преселил во Нов Зеланд во 1994 година. Оваа кавга предизвика жестоки критики во новозеландската јавност.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, изјави дека иако парламентарната расправа е внатрешно прашање на Нов Зеланд, меѓусебната комуникација мора да се заснова на заемна почит.
„Кина секогаш смета дека е важно да се почитуваат развојните патишта и системите што народите сами ги избираат и се противи на секоја форма на дискриминација и предрасуди“, истакна Мао.




