Најголемиот шумски пожар оваа сезона во Франција, во близина на градот Бордо на атлантското крајбрежје, е ставен под контрола и повеќе не се шири, изјави денеска министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, притоа предупредувајќи дека сè уште има активни жаришта.

Иако ситуацијата е подобрена, сè уште постојат „активни зони“ и жаришта кои бараат дополнително внимание, изјави Нуњез.

Подобрувањето на состојбата ќе им овозможи на уште 10.000 жители да се вратат во своите домови, соопштија властите.

Шумскиот пожар западно од Бордо изгоре околу 42.000 хектари, што го прави најголемиот пожар оваа сезона во Франција. Околу 224.000 луѓе беа евакуирани, иако властите соопштија дека на речиси 198.000 веќе им било дозволено да се вратат.

Од почетокот на годината, шумските пожари опожарија околу 119.000 хектари ширум Франција, рече Нуњез.

Вниманието сега е насочено кон јужна Франција, каде што пожарот што повторно се разгоре во регионот Вар и понатаму предизвикува загриженост.

Огнот вчера се прошири на повеќе од 1.000 хектари во рок од неколку часа.

Нуњез изјави дека ситуацијата не се влошила до саботата попладне, но го опиша подрачјето како високоризично бидејќи за подоцна во текот на денот беа прогнозирани суви услови и силен ветер.

Според локалната префектура, околу 1.500 пожарникари се бореа со огнената стихија, поддржани од шест авиони „канадери“ и пет хеликоптери.