Илинден не е само датум, туку завет, карактер и најсилен доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани и потценувани, но никогаш покорени, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август – Илинден, Денот на Републиката.

-Слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ, истакна Мицкоски, додавајќи дека денес не се одбележува само уште еден празник, туку се оддава почит на идеалите, жртвите и луѓето кои живееле за својот народ, татковината и идните генерации.

Премиерот нагласи дека двата Илиндена – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година – претставуваат една историска целина.

-Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку две страници од истата книга, напишана со вера, храброст и непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна, рече Мицкоски.

Тој потсети дека во Крушево се родила идејата дека слободата вреди повеќе од животот, а на АСНОМ таа идеја добила своја државотворна форма. Според него, Крушевската Република и АСНОМ се нераскинливо поврзани во историскиот континуитет на македонската државност.

Во говорот, Мицкоски им оддаде почит на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто, оценувајќи дека тие ги предводеле двата клучни процеса во создавањето на македонската држава.

Осврнувајќи се на Првото заседание на АСНОМ, премиерот истакна дека делегатите свесно го поврзале 2 Август 1944 година со Илинденското востание од 1903 година, сметајќи го историскиот континуитет за темел на македонскиот национален идентитет и државност.

Мицкоски се осврна и на Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија, нагласувајќи дека со неа биле гарантирани слободата на говорот, правото на национална припадност, слободата на движење, правото на глас – вклучително и правото на глас на жените – вероисповедта и правото на приватна сопственост.

Тој посочи дека автор на овој значаен документ бил Владимир Полежиновски, доктор по правни науки и еден од најобразованите делегати на АСНОМ.

Премиерот истакна дека антифашизмот останува трајна определба на Македонија и оцени дека тогашното македонско воено-политичко раководство успеало да ја избегне идеолошката граѓанска војна што ги зафатила дел од поранешните југословенски простори за време на Втората светска војна.

Во завршницата на обраќањето, Мицкоски нагласи дека македонскиот народ сам ја извојувал својата слобода и државност.

-Македонското народноослободително движење, македонските партизани и македонската војска, со сопствени сили ја ослободија Македонија од окупаторите и го потврдија автохтониот и самостоен карактер на македонската државност. Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор – македонскиот народ и сите националности во земјата сами се изборија за својата држава и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци, порача премиерот Христијан Мицкоски од Пелинце.