За само неколку моменти плажата се претворила во хаос, а луѓето масовно втрчувале во морето обидувајќи се да ги дофатат банкнотите што се движеле кон брегот.

Италијанските власти брзо интервенирале, а истрагата отворила бројни прашања за потеклото на речиси 700.000 евра пронајдени во морето.

Необичниот настан се случил на 28 јули во местото Казуце (Casuzze), западно од Марина ди Рагуза на Сицилија.

Според информациите на италијанската полиција, глисер долг околу 5,5 метри останал без гориво недалеку од брегот и почнал неконтролирано да плови. Поради тоа, екипажот побарал помош од крајбрежната стража, но развојот на настаните ги изненадил дури и спасувачите.

Како што наведуваат италијанските власти, во моментот кога крајбрежната стража му се приближила на пловилото, лицата на глисерот наводно почнале да фрлаат вреќи полни со готовина во морето. Морските струи набргу ги однеле кон брегот, каде што ги забележале бројни капачи.

Сцени како од филм

Според „Times of Malta“, сцените што следувале изгледале како од филм. Луѓето втрчувале во морето за да ги дофатат вреќите и банкнотите што се разнесувале по морето, а сето тоа било снимено од бројни очевидци.

Полицијата и крајбрежната стража набргу го обезбедиле подрачјето и ги собрале речиси сите пари, вклучително и делот што капачите веќе го извадиле од вреќите.

Според досегашните информации, на глисерот се наоѓале тројца полнолетни државјани на Малта и едно 13-годишно дете. Полицијата на пловилото затекнала само еден маж, додека, според изјавите на сведоците, уште две лица избегале кон брегот.

Сите биле приведени на распит, по што биле пуштени да се бранат од слобода со одредени мерки на претпазливост и обврска да се јавуваат на повиците на истражните органи. Засега против нив не е поднесено обвинение.

Началникот на полицијата во покраината Рагуза, Салваторе Фачино, изјавил дека глисерот бил откриен исклучиво поради дефектот. Доколку не останел без гориво, според него, многу е веројатно дека незабележано би продолжил да плови меѓу Малта и Сицилија.

Истрагата е во тек

Истражителите сега се обидуваат да утврдат од каде потекнуваат речиси 700.000 евра и зошто толкава количина готовина била превезувана по таа рута.

Меѓу можните сценарија што се разгледуваат се перење пари, криумчарење готовина, фалсификување банкноти, како и можноста парите да биле наменети за исплата поврзана со трговија со дрога. Полицијата нагласува дека засега ниту една верзија на настаните не е исклучена.

Во меѓувреме, италијанскиот истражувачки новинар Џузепе Башието, кој со години го следи организираниот криминал, објави дека сопственик на глисерот наводно е државјанинот на Малта, Овен Џонс, и дека во моментот на инцидентот се наоѓал на пловилото.

Адвокатот на Џонс ги отфрлил тие тврдења, наведувајќи дека не може да потврди каде се наоѓал неговиот клиент тој ден, но тврди дека пронајдените пари не се негови и дека нема никаква поврзаност со случајот.

Италијанските власти сè уште официјално не го потврдиле идентитетот на сопственикот на пловилото.

Башието наведува и дека Џонс во последните месеци на социјалните мрежи објавувал фотографии од луксузни автомобили, јахти и патувања низ Италија, вклучувајќи и објава од Марина ди Рагуза кон крајот на јуни. Во исто време нагласува дека таквите фотографии сами по себе не претставуваат доказ за какво било кривично дело.

Новинарот предупредува и дека подрачјето меѓу Пунта Сека и Пунта Бракето, недалеку од местото каде што завршил глисерот, со години се смета за една од рутите на кои албански криминални групи соработуваат со локалните мафијашки организации.

Во својата книга „Sicilia Nostra“, објавена минатата година, Башието наведува дека југоисточниот брег на Сицилија сè почесто служи како меѓународен коридор за криумчарење кокаин.

Сепак, италијанската полиција нагласува дека засега нема официјални докази што би го поврзале овој случај со организираниот криминал, па истрагата продолжува.