Група млади неонацисти на 2 август се обидела насилно да влезе во хотел во Софија во кој биле сместени италијански ученици со еврејско потекло од Рим и Милано и нивните наставници, јавија повеќе италијански медиуми, меѓу кои АНСА, „Кориере дела сера“, „Скај ТГ24“, „Соле 24 оре“, „Џорнале“, РАИ Њуз и „Ла Пресе“.

Според нивните информации, кои ги пренесува бугарската агенција БТА, групата неонацисти се собрала пред хотелот, се обидела насилно да влезе во објектот, а потоа ги блокирала влезовите. Медиумите наведуваат дека и по интервенцијата на полицијата напаѓачите повторно се вратиле и повторно го блокирале пристапот до хотелот, оценувајќи го инцидентот како „тежок чин на антисемитизам во срцето на Европа“.

На порталите на „Ла Пресе“, АНСА и РАИ Њуз беа објавени и видеоснимки на кои се гледаат млади луѓе облечени во црно како пред хотелот извикуваат „Sieg Heil“ и упатуваат нацистички поздрав.

Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, изрази солидарност со младите Италијанци погодени од инцидентот.

„Изразувам солидарност со групата млади италијански Евреи кои беа нападнати и заплашувани во хотел во Софија. Го осудувам овој нов чин на антисемитизам. Тоа е појава против која мора да се бориме, форма на омраза и дискриминација што мора да биде искоренета“, напиша Тајани на платформата „Икс“.

Претседателот на италијанскиот Сенат, Ињацио Ла Руса, исто така најостро го осуди инцидентот, кој го оцени како „многу сериозен случај што погодил група италијански еврејски тинејџери во Бугарија“.

Тој изрази солидарност со младите, нивните семејства и еврејските заедници во Рим и Милано, нагласувајќи дека „антисемитизмот и секоја форма на омраза немаат место во нашето општество“, и побара надлежните институции брзо да ги утврдат фактите и одговорните лица.

Претседателот на Еврејската заедница во Рим, Виктор Фадлун, инцидентот го нарече „срамна провокација“.

„Нашите деца не можат слободно да патуваат низ Европа без да бидат изложени на насилство и вербална агресија од антисемити“, изјави Фадлун.

Тој додаде дека видеоснимките покажуваат група скинхедси облечени во црни маици со симболи на черепи како упатуваат нацистички поздрави и извикуваат „Sieg Heil“, обидувајќи се да упаднат во хотелот во кој престојувале десетици тинејџери, меѓу кои и членови на Еврејската заедница во Рим.

„Имаше долги и напнати моменти, бидејќи по интервенцијата на полицијата скинхедсите повторно се вратија, ги блокираа влезовите и продолжија да им се закануваат и да викаат по нашите деца“, рече Фадлун.

Сојузот на италијанските еврејски заедници, исто така, изрази солидарност со младите, предупредувајќи дека ваквите инциденти се случуваат сè почесто, пренесува БТА.

„Ќе ги преземеме сите можни чекори за еврејскиот живот во сите негови облици да продолжи да се развива мирно и безбедно за италијанските и европските Евреи“, се наведува во соопштението.