Тајван денеска ги почна најголемите годишни воени вежби, како подготовка на армијата за одбрана од можен кинески напад и за зајакнување на одбранбените способности поради зголемениот притисок од Пекинг.
Воените вежби „Хан Куанг“ што ќе се изведуваат до 14 август, вклучуваат реалистични борбени сценарија со цел војниците и резервистите да увежбуваат одговор на евентуален напад врз Островот, соопштија претставници на одбраната.
Еден од главните акценти на годинешните вежби е децентрализацијата на командувањето и контролата, што треба да им овозможи на командантите и офицерите на терен да носат оперативни одлуки без да чекаат наредби од повисоките структури.
Во вежбите ќе бидат вклучени и цивили, преку симулации на вонредни ситуации, меѓу кои привремено ограничување на мобилниот интернет и вежби за воздушна тревога. Десетици резервисти денеска беа распоредени на крајбрежјето на Тајванската Теснина, каде изведуваа вежбовно гаѓање со автоматски пушки од тајванско производство.
Кина го смета Тајван за своја територија и повеќепати се закани дека може да употреби сила за да го припои Островот со повеќе од 23 милиони жители. Пекинг речиси секојдневно распоредува бродови, борбени авиони и припадници на крајбрежната стража околу Тајван, демонстрирајќи ги своите претензии за суверени права над Островот, што Тајпеј ги отфрла.
„Додека авторитаризмот на ККП (Кинеската комунистичка партија) продолжува да се шири, црвениот терор се проширува и низ светот“, изјави тајванскиот претседател Вилијам Лаи на безбедносен форум во пресрет на воените вежби.
„Ќе продолжиме да ја зајакнуваме националната одбрана и да работиме на заштитата и отпорноста на земјата, а тука мислам на целото општество“, додаде Лаи.
Под притисок на САД, кои бараат од Тајван да вложува повеќе во сопствената безбедност, Островот ги зголеми трошоците за одбрана и набави покомпактно и подинамично вооружување, вклучително и беспилотни летала, со цел армијата да биде оспособена за водење асиметрична војна против Кина.




