СДС и Филипче се обидуваат да собираат политички поени на темата вода во Гостивар, а со години не кажаа ниту збор за случаите на небезбедна вода кои биле евидентирани додека токму тие ја водеа државата, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на партискиот портпарол Валентин Манасиевски, што МИА го пренесува интегрално.
Деновиве објавивме документи, кои јасно покажуваат дека надлежните институции во нивно време располагале со информации за небезбедна вода во повеќе населени места. Но, наместо решенија и транспарентност, граѓаните добија молк.
СДС и Венко Филипче должат одговор на три едноставни прашања.
Зошто не ги известиле граѓаните за наодите?
Колку од тие случаи биле целосно отстранети?
И третото и најважно, со кое лице бараат одговорност за нешто што самите со години не го решавале?
Не може исти луѓе кои со години беа власт, денес да се претставуваат како да немаат никаква одговорност за состојбите што ги оставиле зад себе.
Наместо политички театар, СДС и Филипче, треба да им објаснат на граѓаните зошто ништо не направиле додека ја имаа целата институционална моќ во свои раце.
Прашање: Кој е вашиот став за денешното обвинување од страна на СДС дека наводно се создава терен за прифаќање на француски предлог?
Одговор: Хистеријата во СДС е на завидно ниво. Талогот од СДС веќе не знае што повеќе да излаже. Ќе ве потсетам, лажеа со години дека ќе банкротираме во 2024 година, во 2025 година. Еве сега сме 2026. Не банкротиравме. А лажат дека ќе банкротираме и оваа година.
Лажеа и за ИПАРД програмата, дека ќе биде блокирана, дека парите нема да бидат наменети за земјоделците, но еве и таа лага се распрсна како меур од сапуница.
Лажеа за мигрантите. Ќе ве потсетам, велеа дека ќе дојдат во март, април, мај, јуни. Еве сега сме август. Нема ни трага ни глас од никакви мигранти по договорот со Обединетото Кралство.
Лажеа за извештајот на европратеникот Томас Вајц. Лажеа, а сега денес слушаме и дека ние ќе го прифатиме тој француски предлог. Ние во Собранието имаме 2/3 мнозинство. Доколку сакавме да го направиме тоа, ќе го направевме. Немаше да чекаме волку голем период.
Да резимирам, сè што говори талогот од СДС е сосема спротивно од вистината.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
Фото: Архива




