Постојат датуми кои не се само дел од календарот, туку остануваат засекогаш врежани во колективната меморија на еден народ. 8 Август е еден од тие датуми. Ден кога Македонија се сеќава на своите синови кои, исполнувајќи ја својата должност кон татковината, ги положија своите животи – објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук по повод 25 годишнината од загинувањето на десетмината прилепски бранители од резервниот состав на македонската Армија, кои во 2001 година ги загубија животите кај месноста Карпалак.

Мицкоски нагласи дека 25 години подоцна времето не ја избришало болката, ниту ја намалило нашата почит.

-Напротив, секоја година не потсетува дека мирот, слободата и татковината имаат вредност која мора да ја чуваме одговорно и достоинствено. Карпалак е наша заедничка рана, но и наша обврска да паметиме – истакна премиерот.

Тој нагласи дека не треба да дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени.

-Да не дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени. Да градиме држава во која почитта кон оние што ја исполниле својата должност кон Македонија ќе биде над времето, политиката и поделбите. Пред нивниот спомен се поклонуваме со благодарност и длабока почит. Нека е вечен споменот за хероите од Карпалак. Вечна им слава – истакна Мицкоски.

За време на воениот конфликт на 8 август 2001 година, 10 резервисти беа убиени, а тројца беа ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот падна во заседа и врз него бил отворен жесток оган, а извлекувањето траеше со часови.