Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Скопје се обрати на Амбасадорскиот совет.
Според неа, во новата мултиполарна реалност мора да ја зајакнеме проактивната дипломатија, водени од јасен национален, натпартиски надворешнополитички компас. Таа потсети дека во време на слаб мултилатерализам и растечка мултиполарност, нужни се институционални реформи на меѓународните, но и европските структури заради превенција, или брз одговор на безбедносните закани, но и домашно адаптирање на новите предизвици.
Сиљановска-Давкова укажа дека европската интеграција веќе не е само политички, туку и стратешки, економски, енергетски, геополитички, безбедносен и демографски императив, подеднакво за кандидатите и членките.
Таа инсистира на предвидлив и кредибилен преговарачки процес, ослободен од билатерални условувања.
Говорејќи за улогата на дипломатската мрежа, Сиљановска-Давкова укажа дека амбасадорите се сликата за државата во регионалното, европското и светско огледало, па нивната стручност, компетентност, познавања за земјата-домаќин и способност да ги застапуваат националните интереси се суштински за кредибилитетот на македонската дипломатија.
Според претседателката, дипломатската професија бара знаење, искуство и континуирано следење на политичките, економските и општествените процеси во земјата домаќин, но и пошироко.
За неа, амбасадорот не е само претставник кој ги застапува политиките на државата, туку и човек кој треба да го разбира светот на домаќинот, да ги препознава промените, да ги детектира ризиците, но и да создава можности за политичка, економска, научна и културна соработка.
Претседателката ја нагласи потребата од двонасочна и суштинска комуникација меѓу дипломатско-конзуларните претставници со МНРиНТ и Претседателот. Таа бара да заживее законската одредба низ собраниска пракса со која што, амбасадорите ќе се обраќаат пред надлежната собраниска комисија не само пред заминувањето, туку и по враќањето, презентирајќи ги постигнатите резултати.
Таа посочи дека создавањето услови младите да останат дома е многу важно и повика на реални врски со оние кои живеат и работат надвор, но и градење амбиент за враќање.
Сиљановска-Давкова исто така укажа на потребата од посилна економска, научна, технолошка и културна дипломатија, како и од поцврсто поврзување со дијаспората, како значаен човечки и интелектуален капитал.
Сиљановска-Давкова оцени дека во време на големи геополитички пресврти нам ни е потребна дипломатија која е истовремено принципиелна и прагматична, втемелена во вредности, но отворена кон новите реалности, дипломатија што не е само гласник на државната политика, туку нејзин компетентен инструмент, способен да го застапува националниот интерес со знаење и достоинство.




