Повеќе од 20 пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денешниот ден, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Најголеми напори во моментов се вложуваат во гаснењето на пожарот на планината Китка, каде огнот е распространет на голема територија и има неколку активни краци. Во акцијата се вклучени и „ер тракторите“, кои дејствуваат од воздух врз критичните делови од пожарот.

-Даваме сè од себе за да го совладаме овој огромен пожар кој е проширен на голема територија и сум оптимист дека во текот на денешниот или утрешниот ден ќе биде ставен под делумна контрола- изјави Ангелов.

Според него, интензитетот на пожарите не се намалува, а бројот на интервенции на отворен простор е голем.

Ангелов апелираше на одговорност и предупреди дека дел од пожарите се предизвикани од неодговорно однесување, но има и случаи на намерно предизвикување пожари.

-Имаме многу неодговорни луѓе кои ненамерно предизвикуваат пожари. За уште поголема жал имаме злонамерни луѓе кои поради користољубие или осветнички мотиви намерно предизвикуваат пожари, свесни дека притоа може да убијат некого- додаде Ангелов.

Надлежните продолжуваат со активностите за локализирање и ставање под контрола на пожарите.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, денеска на терен во селото Тисовица, на планината Китка, разговараше со Адем Таири, вработен во јавното претпријатие „Национални шуми – Караџица“, кој веќе 48 часа е на теренот каде што се гасне шумски пожар.

Таири информираше дека со колега и возач учествуваат во гасењето на пожарот и оти околу 70 отсто од подрачјето околу селото е ставено под контрола.

– Ние сме со еден колега и еден шофер, значи 48 часа сме на терен и дежураме. Колку што можеме се обидуваме да гасиме, меѓутоа со вашите колеги успеавме околу 70 отсто околу селото да го оставиме под контрола. Но, имаме уште еден дел, се надевам дека ако дежураме уште вечерва до утре сабајле ќе биде и тој под контрола – рече Таири.

Додаде дека во гасењето учествуваат и пинцгауери и нивните возачи, како и локалното население. На прашање на Ангелов дали пожарот може да биде ставен под контрола во текот на денот, Таири изрази надеж дека до утре ќе биде саниран најголем дел од пожарот.

– Помагаат сите што доаѓаат тука, благодарни и задоволни сме од сите. Се надевам ќе биде санирано сè, 90 отсто е веќе под контрола – вели Таири.

Во однос на опасноста пожарот да се приближи до селото во текот на ноќта, Таири оцени дека ризикот е мал поради присуството на екипите на терен.

Ангелов му се заблагодари на Таири за пожртвуваноста, оценувајќи дека тој е доказ оти и во „Национални шуми“ има луѓе кои максимално се ангажираат во справувањето со пожарот.

Директорот на ДЗС посочи и дека пожарите често се подметнуваат и упати апел за откривање на сторителите. (МИА)