Со цел подобрување на сообраќајот и справување со сообраќајниот метеж во областа Атика, поширокиот регион на Атина, од денеска официјално се воведува новиот систем „Traffic Commander“ со 235 камери, десет дронови, податоци од 24 различни извори и вештачка интелигенција, а процените се дека постепено и на подолг рок би можело да се постигне подобрување на сообраќајот и до 25 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно постои и специјална група што вклучува над 138 полицајци, кои ќе интервенираат и во оперативниот центар и на терен на главните сообраќајници.
Надлежни полициски извори за државната новинска агенција АНА-МПА истакнале дека „Traffic Commander“, преку користење на персонал, технологија и вештачка интелигенција, претставува „одговор“ на проблемот со сообраќајот во областа Атика што опслужува над четири милиони жители, додека секојдневно само во центарот на Атина влегуваат околу 700.000 возила, кои се движат по патна мрежа долга повеќе од 1.623 километри.
Оперативниот центар, според истите извори е целосно модернизиран и ќе собира и обработува податоци од 24 различни извори, како што се 235 сообраќајни камери, информации за сообраќајни несреќи, градежни работи, временски услови, јавен превоз со што во реално време ќе обезбедува слика, анализа на состојбата во сообраќајот и координација.
Директорот на сообраќајната полиција на Атика, Сотирис Калтабанис за АНА-МПА објаснил дека „Traffic Commander“ е оперативен модел што го поврзува оперативниот центар со припадниците на сообраќајната полиција, односно полицајците кои се на терен, расположливите средства и раководството.
Системот е воспоставен исклучиво за управување со сообраќајот на патиштата во Атика, во текот на летото започна пилотски да функционира, но вистинскиот голем тест ќе биде во средината на септември, со почетокот на учебната година и враќањето на градот во полн работен ритам.




