Македонската одбојкарска репрезентација против домаќинот Бугарија, на 9 септември во Арената „8888“ во Софија ќе ја има честа да го отвори Европското првенство 2026.
Бугарија како домаќин ќе ја имаат поддршката од 14 илјадна публика, а со статусот на актуелен светски вицешампион важат за апсолутни фаворити.
-Ме радува што на отворањето ќе играме пред полна сала против домаќинот Бугарија, отколку да отвораме против Полска или Израел и во сала со капацитет од 14 илјади публика на трибините да има само 50 луѓе. Секако дека таквиот амбиент и атмосфера е многу голема мотивација и за нас. Цел на Бугарите е преку ЕвроВолеј да стигнат до ЛОИ 2028 и тоа не го кријат. По освојувањето на среброто на СП 2025 им пораснаа апетитите. За нас ќе биде големо задоволство да отвориме против нив и ако пред седум години пред полно „Стожице“ ја победивме Словенија, зошто сега да не биде исто. Имаат силна репрезентација, физички се појаки од нас и делуваат импресивно кога ги гледаш на ТВ. Ние мора да играме мудро и искусно и со трпение. Не смееме да им дозволиме да не „бомбардираат“ со сервис и со блок, кое е нивно главно оружје, туку да најдеме решение и да им влеземе во системот. Само така може да се надеваме на нешто – вели капитенот Никола Ѓоргиев.
Македонската репрезентација на ЕвроВолеј 2026 е дел од групата Б каде покрај Бугарија за противници ги има и актуелниот европски шампион Полска, Украина, Португалија и Израел. Натпреварите од групната фаза се играат од 9 до 16 септември во Софија. (МИА)




