Кога СДС зборува за задолжувањето, мора да се потсетиме на еден многу важен факт. Во следните неколку години Македонија треба да врати близу 8 милијарди евра преземени во периодот на власта на СДС и ДУИ, рече Биљана Кузманоска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конфренција што МИА ја пренесува интегрално.
Долговите што денес и во следните години треба да ги враќа Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се создадени вчера.
Само оваа година се враќаат околу 1,5 милијарди евра.
Во 2027 година треба да се вратат уште 1,5 милијарди евра, во 2028 година околу 1,9 милијарди, во 2029 година околу 1,3 милијарди, а во 2030 година уште 1,4 милијарди евра.
Тоа се близу 8 милијарди евра, долгови кои ги остави СДС, а не знаеме на што ги потрошија.
Не може седум години да управувате со државата, да ја задолжувате и да преземате финансиски обврски, а потоа од опозиција да се однесувате дека долгот го направил некој друг.
Почитувани граѓани,
Кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во јуни 2024 година, јавниот долг беше над 60 проценти од БДП.
Денес јавниот долг изнесува 58,8 проценти од БДП.
Од една страна ги враќаме долговите што сме ги наследиле, а од друга страна јавниот долг како процент од БДП е понизок од нивото што го затекнавме.
Паралелно, македонската економија денес бележи раст од 4,3 проценти.
Кога СДС следниот пат ќе зборува за јавниот долг, нека одговори за што ја задолжија државата 4,5 милијарди евра за само 7 години?
За јахта, стан во Дубаи или пак акции во индиска авиокомпанија?
Не сме исти. Разликата е евидентна.




