Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека секој понеделник наставата во основните училишта на територијата на општината ќе започнува со интонирање на химната на Република Македонија.

„Химната не е само песна. Таа е симбол на нашата слобода, државност, историја и на жртвата на генерациите што се бореле за самостојна и независна Македонија“, напиша Стефковски.

Тој посочи дека преку образованието, покрај знаењето и иднината на децата, треба да се гради и почитта кон татковината, националните симболи и вредностите што ги обединуваат граѓаните.

„Љубовта кон Македонија се создава и негува уште од најмала возраст – во семејството, во училиштето и во секојдневниот живот“, порача градоначалникот.

Според Стефковски, со оваа одлука се гради чувство на припадност, заедништво, достоинство и почит кон државата.

„Нека секој нов почеток на учебната седмица биде исполнет со гордост, почит и љубов кон нашата единствена татковина!“, порача Стефковски.

Објавата ја заврши со пораката: „МАКЕДОНИЈА Е СÈ ШТО ИМАМЕ!“