Распуштање на Собранието, техничка влада и оставка на претседателот на Владата Зоран Заев. Ова се трите барања кои денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испорача до Собранието заедно со барањето за одржување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. СДСМ вели дека Владата која ја внесува Македонија во НАТО и ЕУ размислува само за економија и за реформи.
За ваквите барања од ВМРО-ДПМНЕ е одлучено на вчерашните итни седници на Извршниот и Централниот комитет на партијата што се одржаа како реакција на петочната одлука на Централниот одбор на владејачката СДСМ конечниот став околу евентуалните предвремени парламентарни избори да го соопшти во текот на неделава.
Како што вчера информира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по завршувањето на седницата на Централниот комитет, барањето на партијата ќе биде доставено до Собранието на Република Македонија, а тој очекува премиерот Заев веднаш потоа да поднесе оставка и да се формира техничка влада по поднесувањето на иницијатива за распуштање на Собранието и одржување предвремени парламентарни избори на ист трошок со претседателските. Тој порача во наредните неколку дена СДСМ да донесе одлука за, како што рече, да можат да видат граѓаните кој бара избори, а моли Бога да не ги добие. Нагласи дека ќе инсистира техничката влада да се формира по Пржинскиот модел, односно 100 дена пред изборите, и додаде дека не подготвен на компромиси за тоа прашање.
СДСМ, пак, порача дека Владата која ја внесува Македонија во НАТО и ЕУ размислува само за економија и за реформи, а Мицкоски може да размислува за сопствената оставка после поразот на изборите.
„На агендата на Владата предводена од СДСМ се странски инвестиции, поврат на ДДВ за физички лица, раст на плати и нова победа на следните избори. Влада која сите свои капацитети ги вложува во силна економија и која создава шанса за сите граѓани не размислува за оставка, туку за интерсите на граѓаните“, посочи СДСМ.
Оттаму потенцираа дека економскиот поход на Владата предводена од СДСМ го тера Мицкоски на панични партиски реакции затоа што, посочуваат, тој размислува само за својот и за интересот на неговите антизападни ментори.Му порачаа дека е во паника поради влезот на Македонија во ЕУ и НАТО и дека токму влезот во НАТО и растот на платите се неговиот најголем пораз.
Централниот одбор на СДСМ во петокот го овласти највисокото партиско раководство да донесе одлука дали заедно со претседателските ќе се организираат и предвремени парламентарни избори, а конечната одлука за нивниот кандидат за претседател на државата да се донесе на конгресот што ќе се одржи на 3 март. За претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се уште трае огласот што е отворен до крајот на месецов, а тој, според најавите, ќе се избере на конвенцијата што ќе се одржи на 16 февруари во Струга.