Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека прославата по повод Денот на независноста на Македонија била финансирана со 5 милиони евра од средства на граѓаните, преку Акционерското друштво во државна сопственост „Лотарија на Македонија“, спротивно, како што вели, на тврдењето на премиерот Христијан Мицкоски дека за настанот не бил потрошен ниту еден денар.

Тој завчера велеше „Македонија е се што имаме“, денеска вели скапо му изгледала прославата, а не им беше скапо кога ја водеа државата која плаќаше за слини манифестации, но тогаш за смена на името на Македонија, кое сега го изговара со полна уста.

Тој на денешната прес-конференција рече дека одлуката од 167 седница на Владата покажува дека за организацијата на прославата биле ангажирани средства преку АД „Лотарија на Македонија“, компанија која е во целосна државна сопственост.

Како што рече Филипче, бидејќи АД „Лотарија“ е во стопроцентна сопственост на државата, средствата со кои располага компанијата се средства кои им припаѓаат на граѓаните. Лидерот на СДСМ, побара Владата да објасни зошто премиерот тврдел оти за прославата не биле потрошени народни пари.

Според него, спорна била и постапката преку која бил избран организаторот на настанот. Тој тврди дека „Лотарија“ распишала јавен повик, а не класична тендерска постапка. На ваков начин, смета, можно е да имало прекршување на Законот за спонзорства. Праша зошто во постапката биле поканети само домашни компании, а не и странски, како и врз основа на кои критериуми била избрана компанијата што го организирала настанот.

Исто така, рече, проблематично е што евалуацијата ја спроведувала комисија составена од надворешни членови, за кои, како што рече, никој не знае кои се.

-Не знаеме кои се тие луѓе кои одлучувале за 5 милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата што го организирала настанот, рече Филипче.

Побара и одговор колку точно пари добиле учесниците и сите ангажирани лица околу прославата.

Покрај овие прашања, лидерот на СДСМ рече дека овие средства во висина од пет милиони евра можеле да се искористат за позобрување на состојбите во здравството, земјоделството, образованието, за покачување на пензиите или на минималната плата.

Од СДСМ бараат Владата да ги објави критериумите, одлуките и целокупната документација поврзана со издвојувањето и трошењето на средствата за прославата, како и да даде одговор кој и колку средства добил за организацијата на настанот.

Фото: СДСМ