Зголемената цена на струјата е на берзите, не кај нас. Кај нас цената на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, не е покачена откако е оваа Влада и така и ќе остане, се надевам.
Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
-Работиме на таа проблематика и од јануари кога ќе биде новиот регулиран период, цената да остане иста, а работиме и да имаме поевтинување или пак продолжување на евтината тарифа. Ние навреме ги чувавме нашите акумулации. Во очи на сезоната во која очекуваме дожд на есен и снег на зима, се над 50-тина проценти. Се завршуваат ремонтите во термоенергетските постројки. Временската прогноза вели дека полната грејна сезона би почнала некаде помеѓу 2 и 5 ноември, до тогаш целокупните подготовки ќе бидат завршени, посочи Мицкоски.
Во однос на гасот, премиерот истакна дека Македонија не е голем корисник, но дека ги следи состојбите и најавите од Европа во врска со проблемите со снабдувањето.
Според него, можно е цената на гасот во Европа поради ниските резерви да се дуплира или триплира.
-Кај нас тоа нема да има големо влијание, нагласи Мицкоски.




