Ефективната комуникација е од клучно значење за добро владеење, но и за креирање и успешно претставување на политиките пред граѓаните, порача министерот за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски упати благодарност до Фондацијата „Конрад Аденауер“ за, како што оцени, прекрасниот тридневен настан на кој учествуваат членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Владата, министри и заменици-министри предложени од партијата.

„Ефективната комуникација е најзначајна за едно добро владеење, она што се наши политики да можеме добро да ги презентираме пред граѓаните, но истовремено да имаме една добра синергија и една добра комуникација помеѓу нас“, истакна Николоски.

Тој нагласи дека е особено важно да постои координација помеѓу различните структури во партијата – Извршниот комитет, општинските комитети, Унијата на млади сили, Унијата на жени, пратеничката група и Владата.

Според него, токму преку подобрата меѓусебна комуникација и синергија може заеднички да се креираат и спроведуваат политиките.

Николоски упати благодарност и до Кристијан Серак, кој, како што посочи, специјално допатувал за настанот и одржува обука за учесниците.

„Има доста да се научи и доста работи кои се иновативни“, рече Николоски, посочувајќи го значењето на обуката за понатамошното унапредување на комуникациските вештини.

Министерот порача дека ваквите активности се дел од настојувањето на ВМРО-ДПМНЕ постојано да ја одржува својата организациска кондиција, без разлика што партијата во моментов е на власт.

„Ова е начин на којшто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да остане во една добра форма, во кондиција. Ова покажува дека и тоа што сега сме на власт, ја водиме државата, не нè одлепува од партијата“, истакна Николоски.

Тој додаде дека партијата ќе продолжи да посветува време и енергија на организацијата, со цел, како што наведе, да се обезбедат економски напредок на Македонија, ефективно владеење на правото и повеќе успеси за државата.