Иднината на дигиталните финансии нема да ја изградат ниту државата сама, ниту банките, ниту технолошкиот сектор. Потребни се соработка, отворен дијалог и, најважно, премин од идеи кон конкретни решенија, рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на Finelevate Digital Summit 2026.

На Самитот учествуваа претставници на институции, финансискиот сектор, технолошки компании и старт-апи, а Андоновски се обрати и потоа учествуваше на еден од панелите, посветен на дигиталниот идентитет, доверливите услуги и интероперабилноста во финансискиот сектор.

-Кога на исто место ќе се соберат институциите, финансискиот сектор, технолошките компании и стартапите, разговорот за дигитализацијата станува многу поконкретен. Зборувавме за поврзување на системите, за безбедна размена на податоци и услуги што ќе можат целосно да се завршат електронски. Ако институциите веќе располагаат со одреден податок, граѓаните и компаниите не треба повторно да го доставуваат, изјави министерот.

Андоновски оцени дека ваквите настани се важни зашто овозможуваат заеднички да се препознаваат проблемите и можностите.

фото: Фејсбук на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски