Шведскиот премиер Улф Кристерсон ја објави својата оставка откако прелиминарните резултати од изборите денеска потврдија дека левичарската опозиција победила на парламентарните избори во земјата, јави ДПА.

Кристерсон на платформата Икс го објави своето писмо за оставка поднесено до претседателот на парламентот, во кое наведува дека изборниот резултат го комплицирал формирањето на нова влада.

Премиерот во заминување рече дека различните изјави дадени од партиите пред денот на изборите би можеле да го попречат секое замисливо формирање влада и коалиција.

Сега е потребна „конструктивна отвореност од партиите“, напиша тој. „Мора да се водат разговори со сите партии за да се најдат решенија и да се создадат услови за стабилна и способна влада“, пренесува германската агенција.

Прелиминарните изборни резултати од изборите што се одржаа во неделата денеска беа потврдени откако беа пребројани последните гласови пристигнати по пошта. Конечниот резултат се очекува за време на викендот.

Кристерсон истакна дека претседателот на парламентот сега ќе ги иницира следните чекори кон формирање нова влада. За да започне „овој процес веднаш барам мое разрешување од функцијата премиер“, напиша тој.

Четирите партии што ги поддржуваат социјалдемократите и поранешната премиерка Магдалена Андерсон освоија тесно мнозинство од 176 од 349 места на изборите во неделата, покажуваат прелиминарните резултати. Социјалдемократите станаа најголемата партија со 28 отсто освоени гласовите.

Владата во заминување на Кристерсон – составена од неговата централно-десничарска Умерена партија, Христијанските демократи и Либералите – освои 173 места заедно со крајно десничарските шведски демократи.