Гинекологот Дејан Огненовиќ завршил со скршен вратен пршлен откако бил нападнат во неговата ординација во поликлиниката „Букурешт“ додека прегледувал пациентки. Напаѓачот прво му упатил вербални закани, а потоа и физички го нападнал докторот, објави ТВ Сител.

Огненовиќ за Сител изјавил дека нападот е последен во низата закани кои ги трпел изминатиот период, а мотивот според него е тој да биде отстранет и преселен од оваа ординација од страна на конкуренцијата.

Неколку дена пред нападот, две женски лица облечени во бели медицински мантили залепиле црна лента врз камерите од видеонадзорот во ординацијата за да го оневозможат снимањето, а претходно бил пресечен и интернет-кабелот, тврди докторот. Огненовиќ вели дека камерите биле поставени поради тоа што во неколки наврати исчезнувале медицински досиеја за пациенти.

Според медицинската документација од ТОАРИЛУЦ констатирана е дијагноза скршен втор вратен пршлен, а во првите часови по нападот имал потешкотии со вилицата и движењето на рацете. Нападот се случил на 16 септември и бил пријавен во полиција. Огненовиќ вели дека стравува за својата и за безбедноста на неговото семејство.

Огненовиќ пред две ипол години ја зел гинеколошка ординација под концесија.