Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е во посета на Њујорк, каде што учествуваше на работна сесија на тема „Поттикнување на растот во новата економија“ во организација на Светскиот економски форум, на која се сретна со свои колеги, експерти, пртставници на приватен сектор, имаше средби со колеги од целиот свет. Во разговор со МИА министерката зборуваше за одржувањето на економскиот раст во услови на глобални кризи и за визијата за новата, технолошки напредна економија што треба да ја градиме.

Министерке, деновиве сте во Њујорк на поголем број настани, меѓу кои и конференцијата на Светскиот економски форум. Кои се главните теми на разговор во светските финансиски кругови?

– Да, деновиве престојувам во Њујорк на покана на Светскиот економиски форум, меѓутоа и паралелно имам други настани во Њујорк. Она што можам да го кажам од досегашните состаноци, сесии и средби што ги имавме, најголем впечаток ми остави дискусијата на која учествував со наслов „Поттикнување на раст во новата економија“. И сега нели интригира самиот збор нова економија – не постојат нови економии во светот, тоа се економиите што ги знаеме. Легитимно е прашањето зошто таков наслов. Изразот нови економии го поврзуваме со фактот што во последните четири години имаме последователно три енергетски кризи и на некој начин учесниците и самите кажуваа дека тоа ќе стане, да не речеме, секојдневие, меѓутоа очигледно ќе се повторува одвреме-навреме. Барем такви се предвидувањата на оние аналитичари и експерти што беа дел од овие дискусии. Оно што беше многу интересно да се слушне на самата сесија е тоа што како приоритет, кој се наведува за сите економиии во светот, е потребата да се фокусираме на долгорочен раст во економијата, меѓутоа раст што ќе се заснова на продуктивност. Не е тоа нешто ново што ние и досега не сме го слушнале, меѓутоа, најверојатно, сега фокусот оди повеќе во продуктивност бидејќи на светско ниво очигледно е дека продуктивноста не е на она задоволително ниво како што треба да биде. А имајќи предвид дека сега имаме проблеми со демографијата, барем во најголемиот дел од Европа, тоа значи дека во периодот што следува повеќе ќе биде во фокус продуктивноста. Имаме помалку луѓе, затоа треба да имаме поголема автоматизација, машини и така натаму. И сега таа автоматизација, тие машини, од друга страна, бараат и постабилна енергетска состојба. Доста се дискутира денес за тоа колку електричната енергија значи за производството или за производниот сектор. Еден интересен податок што се сподели беше дека 73 од 108 земји, кога се правела анализата за 2025 година, укажале дека значително им се зголемени трошоците за енергенти и врз основа на тоа, нормално, цените одат нагоре, што значи дека еден од приоритетите на кои треба да работиме како држава е како да го стабилизираме тој дел.

Што правиме ние како држава на тој план?

– Мислам дека Македонија и Владата во таа насока многу работат. Премиерот е прилично посветен на енергетиката. Мислам дека е многу значајно тоа што на гасниот интерконектор се работи навистина со забрзано темпо. Денес во дискусиите се зборуваше за примерот на Соединетите Американски Држави, кои имаат ниска цена на струјата, но имаат и одлична снабденост со гас. И со самото тоа што се споменува гасот, повеќе од јасно е колку е тој битен за државата и колку е битен како еден од влезните параметри за производството. Ние како Влада сме многу насочени кон тоа да се изгради гасниот интерконектор. Се работи навистина забрзано и мислам дека тоа на некој начин ќе има влијание во овој дел на намалување на производните трошоци. Понатаму, оно што е исклучително многу важно е државата да ја прифати, да речеме, глобалната развојна стратегија, насоката што ја очекува светот. Ако, на пример, светот очекува дека треба да се бориме против климатските промени, се очекува тоа да го прави и Македонија, но во исто време секогаш мора да има еден сегмент во кој државата мора да има и своја автономна или независна развојна стратегија. Некој баланс помеѓу она што се случува во светот и тоа што е многу важно за државата.

Зборувате за развој на новата економијата, што тоа ќе подразбира?

– Исклучително внимание се посвети на тоа дека мора да има диверзификација во економијата и мислам дека тоа е исто едно од работите на кои ние како држава треба да работиме. Од минатото сè уште имаме компании во Македонија што работат најмногу во производство на делови за автомобилската индустрија. Тоа треба полека да го менуваме, не во насока на тоа дека сега треба да ги намалуваме фабриките или да кажеме дека не ни се важни, тие ни се важни. Но, треба полека да се отвараат и друг тип на дејности, кои ќе го диверзифицираат на некој начин ризикот и во истото време ќе додадат дополнителна вредност за економијата. И морам да кажам уште една од работите, што исто така беше дискутирана во делот на тоа каква работна сила е потребна. Она што особено ми се допаѓа затоа што на некој начин ние како Влада веќе две години го зборуваме, а и премиерот го зборува, е дека нам ни треба висококвалификувана, продуктивна работна сила. Ако во минатото повеќе одевме на трудоинтензивна работа и бевме цел на компании што бараат држава со пониски плати, веќе тоа треба да се менува полека. И тоа е тоа што се очекува од земјите што сакат да остваруваат раст. Сепак, ние имаме раст на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал. Веќе 10 квартали по ред имаме нешто над 3 проценти раст. Просекот е поголем од 3 проценти за сите тие 10 квартали, што и повеќе од јасно ни кажува дека ние треба да бидеме фокусирани на тоа да имаме еден долгорочен раст и поради тоа овие параметри за нас се исклучително важни.

Новата високопродуктивна економија треба да се базира на информатичка технологија, со изградба на дата-центри и на енергетски капацитети. Тука ја гледате нашата перспектива?

– Да, дефинитивно, така и почна работната сесија, во насока на тоа дека иднината се дата-центрите. Mногу убав пристап имаше еврокомесарот Џозеф Сикела, кој беше присутен на сесијата, и зборуваше за тоа дека за САД, на пример, иднината се дата-центрите. И кога веќе зборуваме за потребата од електрична енергија, оно што им е потребно на САД и она што ѝ е потребно, на пример, на Африка, не може да се спореди. И затоа пристапот за секој континент, па дури и секоја земја, се разликува. Меѓутоа, дефинитивно, иднината е во дата-центрите и мислам дека и ние треба натаму да ја насочуваме целокупната економија во отварање такви центри. Секако дека се потребни и капацитети за производство на електрична енергија, но јас верувам дека премиерот, имајќи предвид дека тоа е во суштина она што тој најуспешно го знае и го владее, точно ќе знае што ѝ е потребно на Македонија од аспект на производство на електрична енергија. Инвестициите во енергетиката ќе го надополнат недостигот што нам ни недостига за дата-центри, а мене, пак, како министерка за финансии, исклучително ми е важно затоа што сето тоа ќе влијае позитивно на бруто-домашниот производ, кој треба да расте во иднина.

Ја спомнавте високата стапка на раст што Македонија ја остварува во споредба со Европската Унија, каде што растот е забавен. Кои се предизвиците што ги гледате за одржување на ова темпо на раст?

– Јас многу често сум зборувала за тоа дека некогаш некои кризи во светот може да се искористат и во позитивна насока. Некои информации што ги имаме и ние да ги искористиме во позитивна насока или во некои на компаниите што припаѓаат на глобални или меѓународни корпорации. Веќе постои интерес за зголемување на производните капацитети во Македонија, така што јас, на пример, оваа криза не би ја гледала само од негативен аспект. Навистина, раст на БДП од 4,3 проценти е сериозна бројка, особено во услови на она што се случува со нашите најзначајни трговски партнери. И тоа треба да го искористиме и во иднина. Германската економија бавно расте, но е огромна. Потенцијалите за нас како мала економија во однос на германската економија се огромни. И ако ние можеме да го искористиме моментот, ако фабрика во некоја друга земја се затвори, а се отвори кај нас, или да се прошири капацитетот, сметам дека тоа треба да се искористи. Без оглед на тоа што растот на германската економија е некаде околу 1 процент, а нашиот е далеку поголем, пак ќе кажам, и да е мал процент она што Германија може да го прими од нашето производството, ние ќе имаме простор да се шириме.

Неодамна беше потврден и стабилниот кредитен рејтинг – кажете ваша оценка за стабилноста на јавните финансии? Од опозицијата има критики за одржливоста на буџетот.

– Постојано во изминатите две години во континуитет се повторуваше една иста реторика – „ буџетот е пред колапс, ќе банкротираме“ и така натаму, нема да се исплаќаат пензии, но гледате и сами дека во изминатиот период сите обврски се сервисираат навреме. Постојано се трудат да ги изместат работите и да ги презентираат така како што некому му одговара. Се знае како се анализира извршување буџет, се знае дека треба да се почека месецот за да може да се зборува за тоа колкав е буџетскиот дефицит. Нормално е дека вие не можете да потрошите повеќе од она што ви е планирано во буџетот, но во исто време имате и проекција за буџетски дефицит, така што не можете да направите и нешто повеќе од тоа имајќи предвид дека и задолжувањата се толкави колкави што се, и вие не можете да излезете надвор и од тие задолжувања предвидени со буџетот или ребалансот на буџетот. Буџетот е стабилен. Она што го потврди агенцијата „Фич“ за стабилниот кредитен рејтинг, јасно кажува дека состојбата е стабилна, а и стапката на раст го кажува своето. Морам да потенцирам кога станува збор за растот, тој не се должи само на инвестициите што ги прави Владата, со поголема реализација или имплементација на капиталните расходи, туку ,напротив, мора да е поврзано и поддржано од приватниот сектор. Без поддршка на приватниот сектор, само со инвестиции од страна на Владата, немаше да можеме да оствариме стапка на раст од 4,3 проценти. Јасно е дека Владата и понатаму во фокус ќе ги има капиталните инвестиции – тоа е нешто што од првиот ден го работиме. Исто така, онаа одлука да дадеме поддршка на приватниот сектор преку поволни кредити или, ајде да кажам, како што сакаат да коментираат – со унгарскиот кредит. Иако ние имаме многу кредити, па ниеден од тие не го нарекуваат кредитот на Светската банка или кредитот на ММФ. Но, ова име, унгарски кредит, си остана. А кредитот даде резултати затоа што она што се случува денес со високата стапка на раст е резултат и на тој кредит. Така што, можам да заклучам дека јавните финансии се стабилни. Пак ќе кажам, потврда за тоа е кредитниот рејтинг и она што мислам дека најуспешно го менаџираме во овие две години, а тоа е јавниот долг. Навистина, состојбата со долгот што ја затекнавме беше алармантна. Јавниот долг беше повеќе од 60 % од БПД. Последните податоци покажуваат дека долгот е на 58,8 проценти. Имаме проекции кои се нашите очекувања, но навистина оно што е клучно, што можам да го кажам, е дека правилното насочување на средствата во буџетот или јавните пари кон капиталните инвестиции дава резултати – раст на БДП, а самиот раст на БДП успева на некој начин и да ни помогне во менаџирање со процентот на јавниот долг.

Бевте принудени како Влада да преземате мерки да одговорите на енергетската криза со намалување на давачките за гориво – како тоа се одрази на буџетот?

– Така е, тоа се одрази на буџетот. За првата половина од годината, според првите проекции, износот на намалени давачки е една милијарда и 600 милиони денари. Очекувањата беа дека состојбата ќе се стабилизира имајќи предвид каква беше состојбата во јуни. Меѓутоа, за жал, цените на нафтата и нафтените деривати повторно одат нагоре. Така бевме принудени повторно да воведеме мерки за акцизите, сега дополнително и за ДДВ-то кај дизелот, што значи дека реагираме со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, од друга страна, сето тоа има влијание на буџетот. Реализацијата на буџетот до овој момент покажува дека во делот на акцизите ќе има помало прибирање во однос на она што е проектирано. Минатата недела имавме состаноци со директорката на Управата за јавни приходи и со директорот на Царинската управа. Нивните очекувања беа дека е точно оти во делот на акцизите сигурно нема да можеме да го оствариме она што беше проектирано.

Дали тоа значи и нов ребаланс на буџетот?

– Во моментот во Министерството за финансии работат дополнително на уште една проверка на бројките и вршење анализи врз основа на кои ќе видиме дали ќе одиме со уште еден ребаланс, што не е невообичаено. Во 2022 година имавме два ребаланса. Никој не предвидува со законот и не кажува колку ребаланси се потребни во текот на годината. Потребни се толку колку што ќе ни наложи состојбата. Никој не можеше да предвиди војна, дека ќе имаме толку високи, да речам, историски највисоки цени на нафтата и нафтените деривати. И сега има една огромна разлика помеѓу минатото и денес. Јас сум министерка која, пред сè, гледа да ги менаџира работите толку што е можно потивко. Нема потреба од галама, плачење. Дали ова е најголемата криза, тоа светот го кажува. Светските експерти кажуваат колку има тоа влијание врз сите економии. Ние, едноставно, работиме и ги менаџираме состојбите. Нема ништо да им смени на граѓаните ако излезам да коментирам дека е добро или лошо. Граѓанинот треба да знае и да биде спокоен дека состојбата е под контрола. Исплата на плати имаме редовно, исплата на пензии исто. Сервисирањето на обврските е редовно, капиталните инвестиции ги гледате со која динамика се реализираат. Сервисирањето на кредитните обврски, кои исто така се многу значајни, затоа што, не дај боже, тоа може да доведе до други ситуации, е редовно. Тоа мора да го спомнеме – дека немало апсолутно никакво доцнење, туку, напротив, сè се сервисира навремено. А да не заборавиме дека историски гледано наназад, исто така не постоел министер кој што во четири години мандат имал четири години по ред да враќа еврообврзница – еднаш 700 милиони евра, па 500, па 700, па 500 милиони. Тоа не постоело во историјата, но, ете, се случи, за среќа или несреќа, точно во мојот четиригодишен мандат да треба четирипати по ред да враќаме еврообврзница.

Државниот долг на посериозно задолжените држави се смета за новата голема светска криза. Како Македонија стои на тој план?

– Ние немаме проблем. За последната издадена евробврзница, што ја издадовме во јануари 2026 година, имавме побарувачка речиси 5 пати поголема од она што ние го баравме во моментот. Така како држава немаме проблем од аспект на издавање евробврзница. Секогаш прашањето е по која каматна стапка ќе се издаде. Мора да ги гледаме состојбите реално. Еве, да речеме, уште една работа што денес се дискутира беше да се вложува повеќе во енергетски капацитети, па имаше поединци што зборуваа за тоа дека сакат енергетска транзиција и градење обновливи извори на енергија. Меѓутоа, цената на капиталот е многу висока. Ако споредиме, на пример, со периодот во 2020 година, кога имавме корона-криза и имаше преголема понуда на пари во системот, што значи каматните стапки беа на историски најниско ниво. Кога 10 години речиси имавме ЕУРИБОР кој беше во минус, ние денес имаме состојби многу поинакви од тогаш. Така што, тоа е можеби најголемиот предизвик во овој момент, да успеете да менаџирате, да издадете еврообврзница со најниска можна камата или маргина затоа што, јас би рекла, маргината е она што е многу важно. Тоа ни успеа нам како Министерство за финансии во јануари 2026 година кога беше историски издадена еврообврзница со најниска маргина.

Цветин ЧИЛИМАНОВ за МИА