Под мотото „Не оставај ѓубре. Остави пример!“, Град Скопје денеска ја почна најмасовната еколошка акција за чистење на Скопје.

Во  масовната акција за чистење на градот се очекува да учествуваат околу 30.000 граѓани, а ќе бидат опфатени повеќе од 100 локации, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој посочи дека акцијата е заедничка иницијатива на Градот Скопје, јавните претпријатија и сите скопски општини, а во неа се вклучени амбасади, меѓународни организации, основни и средни училишта, јавни личности, како и голем број граѓани.

-Освен што оваа акција има за цел да имаме почиста и поздрава околина во која ќе живееме, таа има и едукативен карактер, особено за најмладите – рече Ѓорѓиевски.

Тој најави дека ваквите активности ќе се организираат двапати месечно, односно секоја втора недела, со можни измени во термините во зависност од временските услови.

Ѓорѓиевски информираше и дека Градот подготвува одлука со која четири пати месечно, односно секоја недела, ќе биде овозможено бесплатно одлагање кабаст отпад во ЈП „Дрисла“ за сите граѓани на Скопје. За користење на услугата ќе биде потребна само лична карта.

Во рамки на активностите за подобрување на јавната хигиена, тој најави дека од почетокот на следната недела во функција ќе бидат ставени новите камиони за ЈП „Комунална хигиена“, а веќе во петок се очекува пристигнување на првите 1.100 нови контејнери од вкупно набавени 3.300.

Одговарајќи на новинарско прашање, градоначалникот рече дека само преку Црвениот крст во акцијата се ангажирани околу 100 лица, додека бројот на вклучени од администрацијата, општините и јавните претпријатија е близу 1.000.

-Мислам дека генерално околу 30.000 луѓе ќе учествуваат денеска во оваа активност, што е импозантна бројка. Не верувам дека од 90-тите години до денес имало организирано толку голем број луѓе за ваква акција – истакна Ѓорѓиевски.

Според него, денеска ќе се интервенира на 50 локации низ градот, а со вклучување на булеварите и средишното зеленило бројот на опфатени точки ќе надмине 100. Училиштата ќе реализираат активности во своите дворови и непосредната околина, со цел учениците да не бидат изложени на сообраќајна фреквенција.