Македонија останува посветена на членството во Европската Унија, но уставни измени не треба да се прифаќаат по секоја цена без јасни гаранции дека нема да следуваат нови условувања, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој оцени дека по промената на името и другите отстапки што ги направи државата во изминатите години во евроатлантскиот процес, граѓаните имаат право да знаат дали актуелните барања се последни на европскиот пат, нагласувајќи дека Владата е подготвена да разговара за решенија, но не и да прифаќа нови обврски кои би можеле да отворат дополнителни спорови во иднина.

Осврнувајќи се на односот меѓу евроатлантските и европските интеграции, министерот рече дека на состаноците на НАТО често го поставува прашањето зошто земјата е рамноправна членка на Алијансата, а сѐ уште се соочува со пречки на патот кон ЕУ.

Во интервјуто Мисајловски нагласи дека најголем дел од граѓаните биле против Францускиот предлог и оцени дека ВМРО-ДПМНЕ добила поддршка на изборите поради противењето на таквите решенија.

Според него, постои опасност со прифаќањето на актуелните барања во иднина да се отворат и нови прашања.

– Ако сме целосно усогласени со Европската Унија, не може постојано да добиваме нови услови – рече Мисајловски.

Тој повтори дека членството во НАТО и Европската Унија остануваат стратешки цели на државата, но додаде дека тие не треба да се остваруваат по цена на нови отстапки кои би ги довеле во прашање националните позиции и интереси.

Според него, дел од политичарите во земјава се подготвени да прифатат дополнителни отстапки за да бидат исполнети бугарските барања во евроинтегративниот процес.