Предложените измени на правилата за боледување отворија бројни дилеми и предизвикаа силни реакции во јавноста. Најголемо внимание привлече предлогот медицинските критериуми за продолжување на боледувањето да почнат да се применуваат по петтиот, наместо по седмиот ден, како и најавите за поефикасни контроли. Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во интервјуто за РЕПУБЛИКА објаснува дека не се скратува правото на боледување и дека матичниот лекар и натаму ќе може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена. Тој говори и за причините за осовременување на критериумите, најавените контроли и олеснувањата за пациентите и лекарите, меѓу кои се помалку непотребни лабораториски испитувања, електронска постапка и поширок круг случаи во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот.
-Предложените измени на правилата за боледување предизвикаа силни реакции во јавноста, а најмногу дилеми отвори предлогот за пет наместо седум дена. Господине Перински, што точно се менува и дали на кој било начин се ограничува правото на боледување?
ПЕРИНСКИ: Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат.
Ниту денес боледувањето трае најмногу седум дена, ниту со измените ќе трае најмногу пет. Ако пациентот има медицинска потреба да биде на боледување 10, 20, 30 дена или подолго, ќе биде онолку колку што неговата здравствена состојба го бара.
Мислам дека токму од тоа треба да почнеме, затоа што во јавноста се создаде впечаток кој не ја отсликува суштината на предложените измени.
Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот.
Петте дена за кои најмногу се зборува не се максимално времетраење на боледувањето. Станува збор за периодот во кој избраниот лекар може да утврди боледување врз основа на медицинската проценка, без примена на дополнителните критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
Ако по петтиот ден здравствената состојба на пациентот бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена, со потребната дијагностика или соодветна специјалистичка проценка согласно дијагнозата.
Притоа, дополнителна дијагностика не се бара автоматски за секој пациент и за секоја дијагноза. Кај дел од дијагнозите проценката останува кај матичниот лекар и нема обврска пациентот да се упатува ниту на лабораториски испитувања. Тоа е едно од конкретните олеснувања што ги носат предложените измени.
Затоа не би сакал целата реформа да ја сведеме на споредбата „седум или пет дена“. Клучната бројка е 15 – и тука нема промена.
-Зошто е избран токму петтиот ден како момент по кој почнуваат да се применуваат дополнителните медицински критериуми?
ПЕРИНСКИ: Човечкото тело не функционира по некаков календар. Двајца пациенти со иста дијагноза можат да имаат различен тек на болеста.
Затоа петтиот ден не го поставуваме како граница на болеста, туку како точка по која, ако боледувањето продолжува, порано почнуваме да ги применуваме медицинските критериуми.
Ако вашето дете е болно пет дена и шестиот ден не му е подобро, што правите? Проверувате зошто состојбата продолжува и дали е потребна дополнителна дијагностика или терапија.
Ако станува збор, на пример, за бронхитис, грип или друга инфекција што може да трае две или три недели, нека трае и три недели ако медицински е потребно. Никој не му го прекинува боледувањето на шестиот ден.
Тука постојано се мешаат две различни работи: колку трае болеста и од кој момент се применуваат критериумите.
Ниту Фондот ќе одредува колку дена трае бронхитисот, ниту Правилникот може да му нареди на човекот кога да оздрави. Лекарот ја проценува состојбата.
Ако пациентот е неспособен за работа, боледувањето продолжува. Единствената разлика е што порано се активира медицинската поткрепа предвидена за конкретната состојба.
Но и тука мора да бидеме прецизни – критериумите не значат дека секој пациент задолжително ќе мора да оди на дополнителни испитувања. Кај дел од дијагнозите тоа воопшто не се бара и матичниот лекар ќе може самостојно, врз основа на медицинската проценка, да постапи согласно предвидениот критериум.
Целото интервју со Перински прочитајте го на РЕПУБЛИКА




