На тринаесет најдобри наставници од предучилишното, основното и средното образование во учебната 2025/2026 година денеска им беа доделени признанија по повод 5 Октомври – Светскиот ден на учителите, кој беше одбележан од Сојузот на просветните работници и Министерството за образование и наука.
Признание за најдобар просветен работник во предучилишното образование доби Клементина Петрушевска, воспитувачка во градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода. Во одделенска настава во основното образование за најдобри наставници се прогласени Соња Трифуновска од ОУ „Гоце Делчев“ – Тетово, Виолета Поповска од ОУ „Вера Јоциќ“ – Гази Баба, Габриела Мерџаноска од ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, Ксенија Николова од ОУ „Гоце Делчев“ – Босилово и Весна Тодоровска-Унковска од ОУ„Партенија Зографски“ – Кисела Вода.
Во предметна настава признанија добија Томе Китановски од ОУ „Гоце Делчев“ – Василево, Бојанка Џипунова-Ташова од ОУ „Васил Главинов“ – Велес, Вера Зороска од ОУ „Христо Узунов“ – Охрид, Оливера Шиклеска-Грозданова од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола и Благица Чатлеска од ОУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.
Во средното образование за најдобар наставник е избран Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Никола Карев“ – Струмица, а постхумно признание му беше доделено на Слаѓан Станковиќ-Битрак, кој беше дел од наставниот кадар во СОУ „Наце Буѓони“ – Куманово и „Математичко-информатичка гимназија“ во Скопје.
Признанијата ги доделија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и претседателката на Сојузот на просветните работници, Жаклина Ристовска, кои им го честитаа празникот на сите наставници, изразувајќи благодарност за споделувањето на знаењето, трудот, трпението и посветеноста во процесот на обликување на младите.

На настанот со наслов „Учителот инспирира, ученикот создава – заедно го обликуваат светот на знаењето“, мнистерката Јаневска истакна дека квалитетни наставници има многу, но меѓу нив Сојузот ги избрал оние што со своите резултати, признанија, награди и посветена работа во изминатата учебна се издвоиле како пример за професионалност и посветеност.
– Ова признание нека биде причина да се гордеете на она што го постигнавте, но и мотив да продолжите да работите со ист ентузијазам. Споделувајте ги своите знаења и искуства со колегите и покажувајте како се создаваат добри ученици и добри генерации бидејќи преку нив создаваме стабилна иднина на нашата држава – им порача Јаневска на наградените наставници.
Нагласи дека наставнциите се најважната компонента од образовниот систем и затоа МОН и Владата, рече, се грижат тие да бидат што позадоволни од работата. Во таа насока, додаде Јаневска, за две и пол години платите во училиштата се зголемени за 20-ина отсто, а следното зголемување наставниците ќе го добијат во март.
– Без разлика на инфраструктурата, технологијата или инвестициите, најважниот дел од секое училиште останува наставникот. Од вас очекувам да останете енергични, посветени и да бидете двигатели на образованието. Да бидете партнери на Министерството, но и партнери на родителите и на учениците. Но, пред сè, да го зачувате и истакнете авторитетот на наставникот. Барајте заложба, труд и одговорност од децата и оценувајте реално затоа што реалната оценка не е казна, таа е насока за напредок – истакна Јаневска.
Сојузот на просветните работници постои 33 години и секоја година, со поддршка на МОН, на овој ден им оддава признание на најдобрите просветни работници во државата во една учебна година. Наградата се состои од плакета и пригодни подароци од издавачки куќи и од спонзори.
Претседателката на Сојузот, Жаклина Ристовска, истакна дека инвестицијата во образованието и наставниците е најголема за една држава затоа што иднината, рече, е во најмладите, од кои ќе произлезе кадар.
– Овој ден е посветен на оние што со знаење, посветеност и љубов ја градат иднината на нашето општество. Денот на учителот не е само празник на една професија, тоа е празник на знаењето, на просветителството и вербата дека преку образованието можеме да создадеме подобро општество. Во време на брзи технолошки промени, вештачка интелигенција и многу образовни предизвици, улогата на учителот не се намалува, туку, напротив, таа станува уште поважна. Машините може да пренесуваат информации, да помагаат, но учителот инспирира и тој може да го препознае талентот на ученикот и да му даде самодоверба – рече Ристовска.

На новинарско прашање пред настанот зошто е слаб интерсот за запишување студии на наставни насоки за природните науки – математика, хемија, физика…, што резултира и со дефицит од кадар по овие предмети, министерката рече дека во некои региони има недостиг од овие професии и дека една од причините е тоа што се сметаат за тешки факултети.
– Но има и други тешки факултети, а студентите, сепак, ги избираат. Какво е општеството, такво е образованието. Во еден период во изминатите години се изгубија значењето и достоинството на наставникот поради склоп на многу причини. Но во овие две години правиме сè за младите да го сфатат значењето на наставникот, кој е од исклучителна важност. Се надевам дека во тоа успеваме и моето присуство денес и во минатите години покажува колку треба да се вреднува оваа професија – додаде Јаневска. (МИА)




