Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес – конференција, рече дека посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, покажала дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени во процесот на европските интеграции.

Филипче изјави дека посетата само ги потврдила ставовите на СДСМ дека идентитетот е заштитен со Преспанскиот договор, а македонскиот јазик е потврден и преку договорот со Фронтекс. Тој ја обвини Владата дека со политиките ја држи земјата во место и нема напредок.

– Велеше идентитетот е загрозен, ќе го поништиме Преспанскиот договор. И што направи човекот? Ништо. Кажа дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљановска потврди дека Преспанскиот договор го штити нашиот национален идентитет- рече Филипче.

Тој додаде дека и претседателката на ЕК кажала дека е потребна соработка со европското обвинителство, за што, тој смета дека  ќе придонесе за зајакнато судство, притоа обвинувајќи ја власта дека „поради лошите политики се испуштаат шанси, а младите се селат“.

Филипче на прес – конференцијата зборуваше и за ребаланс на буџетот, за што рече дека власта лошо менаџира, нема добро планирање на буџетот, нема економски раст и реализација на капиталните инвестиции.

Одговарајќи на новинарски прашања, во однос на надворешната политика, лидерот на СДСМ ја критикуваше Владата за односите со соседите, особено со Грција и Бугарија и притоа рече дека не очекува ништо од претстојната средба на министерот за надворешни работи во Бугарија. Тој смета дека  треба да има поактивна комуникација со државите членки на ЕУ во регионот.

Во однос на прашањето за измените во Изборниот законик, Филипче одговори дека СДСМ нема координација за заедничко дејствување со ДУИ и Левица, посочувајќи дека само СДСМ е опозиција и дека „партијата веќе сто пати повторила дека ќе ги поддржи ОБСЕ и ОДИХР“.

Тој посочи дека СДСМ не поддржува промена на начинот на гласање на дијаспората, ниту промена на начинот на означување на гласачкото ливче.

Фото: Принтскрин