Грција и САД најавија странска воена продажба (Foreign Military Sales) во висина од четири милијарди долари за поддршката на долгорочниот одбранбен план на Грција, пишува во делот за одбранбената и безбедносната соработка, во заедничката изјава на Грција и САД по одржаниот шести круг од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји со кој вчера во Атина претседаваа шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и американскиот државен секретар Марко Рубио, јави дописничката на МИА од Атина.

Воената опрема, според заедничкото соопштение, е со цел зајакнување на интероперабилноста и истражување на идни можности за соработка меѓу одбранбените индустрии меѓу двете земји, вклучително и во областа на иновативните технологии.

Паралелно, двете страни повторно ја потврдиле стратешката вредност на одбранбената соработка во поддршка на билатералните безбедносни цели и безбедносните цели на НАТО.

Висок грчки дипломатски извор, претпладнево брифираше дека конкретната воена опрема е во рамките на планот за нова долгорочна програма за период од 12+8 години, план што постојано се ажурира и се однесува на клучен одбранбен материјал, меѓутоа посочи дека станува збор за технички, но и доверливи прашања за кои надлежни се Министерството за одбрана и Генералштабот на армијата.

Истите извори, вчерашната посета на Рубио на Атина ја оценија како особено позитивна, посочија дека од една страна уште еднаш беше потврдено високото ниво на односите меѓу двете земји, САД ја препознаа Грција како кредибилен сојузник, а од друга страна беше истакната заедничката перцепција на двете страни во однос на низа клучни меѓународни прашања.

Дополнително високиот грчки дипломатски извор нагласи дека разговорите се одвиваа околу две главни оски: билатералните односи и меѓународните случувања.

Паралелно, една од темите беше и енергетиката за која, истиот извор посочи дека и САД и Грција, имаат заедничко разбирање дека треба да постои што е можно поголема флексибилност и диверзификација во однос на енергетските коридори.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера беше во посета на Атина за шестиот круг од Стратешкиот дијалог Грција-САД, се сретна со шефот на грчката дипломатија и грчкиот премиер, а имаше и говор од античкиот простор Пника што е едно од најзначајните места поврзани со развојот на атинската демократија.